Затворањето на угостителските објекти е добра мерка пред празниците, смета Филипче

Искуството покажа дека угостителските објекти се места каде и покрај препораките, превентивните мерки не се почитуваат. Гостите не држат дистанца и има групирања. Затоа, нивното целосно затворање е добра мерка, особено сега, во пресрет на празниците, сметаат надлежните.
-Мислам дека е добра ваква мерка во пресрет на празниците. И тоа беше главниот концепт околу кој дискутиравме – дали треба да имаме радикална мерка и сериозно да го намалиме притисокот пред некои настани кои се сериозен ризик, а по две недели можеби за угостителските објекти некои други препораки. Сепак, искуството покажа дека тоа се места каде и покрај тоа што има препорачани мерки, дистанца, сепак има групирање и непочитување на тие превентивни мерки. И затоа е таа препорака. Сакаме на некој начин, да го намалиме притисокот кон здравствениот систем, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.
За евентуални промени во однос на мерката, напомена, ќе се анализираат бројките и податоците за сите градови поединечно како што се прави секоја недела.
-Не смее да се дозволи експлозија и создавање кластери за празниците, посебно во ваква ситуација кога системот е оптоварен со бројни пациенти по болниците, потенцира Филипче.
