Новости

Македонија

Извештај на ИЈЗ за коронавирусот од 06.09 до 12.09: Намален број на позитивни случаи, зголемување на оздравени пациенти

Институтот за јавно здравје информираше за состојбата со ковид-19 во земјата во периодот од 06.09 до 12.09.

Тестирани се вкупно 34.175 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 11,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 3.471 нов позитивен случај од 34 градови во државата, за 24,9% помалку од минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 9,0% до 10,8%, просечно 10,0%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.653; 47,6%), a највисока инциденца е регистрирана во Кратово – 317,4/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=1.019, 29,4%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=95; 2,7%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај скоро сите возрасни групи, со најголемо намалување кај возрасната група од 20-29 години (за 40,1% помалку во однос на претходната недела), а кај возрасната група од 0-9 години се забележува зголемување од 11,8% во однос на минатата недела.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.646 (47,4%) лица од машки и 1.825 (52,6%) од женски пол.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.946 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, зголемување од 4,6% во споредба со минатата недела.

Во текот на мината недела вкупно е пријавенa 31 реинфекциja, намалување од 13,9% во однос на минатата недела.

Пријавени се 142 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (47), Струмица (13), Куманово (12) и Гостивар (11). Најголем број (n=106; 74,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.

СН Брокер
To Top