Новости

Македонија

Инспекторите од денеска смеат да затвораат угостителски објекти

Собранието ги изгласа измените на Законот за заштита на населението од заразни болести. По измените, инспекторите добија поголеми овластувања.

Имено, доколку инспекторите утврдат дека постои прекршување на здравствените протоколи, ќе можат да затворат објект на самото место.

Љупчо Николовски порача дека нема да има толеранција за оние кои што ќе ги прекршат правилата.

“Една е од клучните измени на овој заекон е со што сите инспекторати сега добиваат нови, поголеми овластувања, за постапување со прекршителите на здравствените ковид протоколи. Конкретно, доколку на терен инспекторите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена, односно објектот на лице место ќе биде затворен. Апелирам ова да се сфати крајно сериозно, нема простор за компромис кога е во прашање јавното здравје!

Дополнително, според новите измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. За микро, мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорен на правно лице, трговец поединец или физичко лице. Со ова сакаме да покажеме и правичност и праведност во однос на големината на субјектот и нивото на самата казна. Ако воопшто постоеше некој кој се двоумеше и имаше недоверба во однос на тоа дали овие промени се потребни пред речиси еден месец, кога за прв пат ги претставивме пред јавноста, верувам дека сега со изгласувањето на законските измени и дополнувања, мислењето е променето.

Бројките на заразени растат. Болничките капацитети се полнат, здравствениот систем е веќе оптеретен, а и инспекциските служби и сите оние кои се ставени во функција на заштита на здравјето на граѓаните. Ситуацијата е крајно сериозна”, изјави Николовски.

Потсетуваме, минатата недела владата ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести да се ограничи работното време на угостителските објекти до 23 часот.

Со измените во законот се зголемуваат и казните за прекршување на здравствените протоколи.

GOLD
To Top