Новости

Македонија

Денеска е Благовештение (Благовец)

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне…

Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица…

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, а со тоа е и денот на мајките, затоа што Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки.

Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Така што првото нешто што треба да го направите тоа утро – бакнете ја мајка ви!

На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Оние кои сакаат да имаат деца да одат во црквите и манастирите, кај иконите посветени на Благовештение и да се помолат.

Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Се верувало дека Благовештение жените не треба да се чешлаат.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Иван Крстител де ла Сале.

Бил роден во 1651 година во Ремс, Франција. Својот животен век го проживеал за време на кралот Луј Четиринаесетти. Во Франција во тоа време се создавал пролетеријатот на граѓанскиот сталеж кој живеел сиромашно, додека благородниците живееле во големо богатство. Благородничкиот син, Иван де ла Сале им се посветил на децата на пролетерите, за да им даде основни знаења и да ги воведе во верата. Свети Иван го основал редот на Училишните браќа кој се грижел за воспитувањето на младите луѓе. Умрел во 1719 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:12 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 24 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.

Евротип
SNBROKER
To Top