Новости

Македонија

Католиците го слават Велигден

Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше Воскресна света литургија.

На литургијата присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, поранешниот претседател Ѓорге Иванов…

Велигденска воскресна литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов. Тој им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита воскресната проповед.

– Драги браќа и сестри! Велигденскиот пост го започнавме со страшната воена ситуација со нападот над Украина, и поголемиот дел од тоа време на пост, молитва и добри дела го поминавме следејќи ги медиумите и извештаите за тоа што се случува со нашите браќа и сестри во Украина. Пред нашите очи се милиони бегалци, илјадници страдалници, жртви на војната, убиени луѓе по улиците на украинските градови, уништени домови и луѓе на улица со крици во устата и солзи во очите. Како браќа по вера, не можевме да се оглушиме, а да не го слушнеме гласот на киевско – халичкиот врховен надбискуп Свјатослав Шевчук, кој повикува и моли за својот народ, но во исто време укажува и на одговорноста на целото човештво. Тој постојано го повикува светот активно да работи на спречување војна и заштита на праведниот мир. Тоа е гласот на човек соочен со неволјите на војната, страдањата на својот народ, уништувањето на неговата земја: „О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го беа ставиле на терезија страдањето мое!“ (Јов 6,2).

Нашата Светица од Скопје, Света Мајка Тереза ќе рече: „Страдањето е другото лице на човекот, Божји бакнеж.“ Од страдањата не беше поштеден ниту нашиот Господ Исус Христос. Ја прими чашата од раката на Отецот и ја испи до крај. Секогаш е на страната на слабите. „Бог ни шепоти во нашите радости, ни зборува во нашата совест, но и извикува во нашите маки: Неговиот мегафон е да го разбуди глувиот свет“ (C. S. Lewis).

Исус со своето воскресение одговори на проблемот на страдањето, внесувајќи нова светлина во светот и оживување на земните надежи со „големата надеж“ за вечен живот. Папата Бенедикт XVI, во својата енциклика Spe Salvi – Спасени преку надежта, вели: „Искупувањето ни е понудено во смисла дека ни е дадена надеж, сигурна надеж, преку која можеме да се справиме со сегашноста“. Тој вели дека препознатлива христијанска карактеристика е тоа што имаат иднина. Иако не се темелно запознаени со она што ги чека, знаат дека животот не им е залуден. Верувам дека сите ние, како и нашите браќа и сестри кои во овој миг се погодени од страданијата и сите маки се носени со оваа надеж, бидејќи „оние кои се надеваат на Господ, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат“ (Исаија 40,31). Само гледајќи во воскреснатиот Христос можеме да го прифатиме сето она што ни го носи животот во времето во кое живееме.

Ние христијаните живееме во светот и одиме во светлината на верата, иако понекогаш се среќаваме со темнината на неверувањето. Нашата вера се заснова на сведоштвата на оние што го виделе воскреснатиот Христос. Исто така, светот околу нас живее според верата што ние самите ја исповедаме и сведочиме со нашиот живот. Со таа вера ќе живеат генерации по нас. Носени од оваа вера и „големата надеж“ на вечниот живот, никогаш не смееме да се умориме да правиме добро и да сведочиме за Исус Христос, воскреснат од мртвите.

Утрото на Велигден, учениците биле исплашени и збунети, па кога жените по враќањето од гробот на Исус почнале да им раскажуваат за неверојатниот настан што го виделе и доживеале таму, отворениот гроб, млад човек облечен во бела облека, за нив, за апостолите, овие зборови на првото сведоштво им изгледало како женски духови и заблуди, утрински соништа, сенишни измами и ништо повеќе. Не им верувале. Со ова се покажало дека тие се побавни и поневнимателни од жените.

Но, сепак, наеднаш двајцата тргнале, Иван и Симон наречен Петар излетале од куќата и стигнале до гробот. Петар влегува внатре затоа што сака да ја испита работата до крај. Кога влегол во гробот, го нашол само празниот гроб и завоите што стоеле таму, како и крпата со која била завиткана Исусовата глава, свиткани во еден агол. Возбудени од тоа што го виделе, се враќаат дома прашувајќи се што се случило. Тоа беше мешавина од чувства, мешавина од чудо и ужас. Но, тоа сè уште не беше вера. Тие требаше сѐ уште да го доживеат и видат воскреснатиот Христос, да го допрат, да јадат со него, да им се отворат очите и да поверуваат. Исус требаше да им даде сила да бидат негови сведоци, но и да можат да го издржат сето она што ги чека. Празниот гроб беше знак што можеа да го разберат само преку средба со воскреснатиот Господ. Но, средбата е можна само кога срцето е подготвено да види и да верува.

По оваа средба Петар се исполнил со таква сила, па повеќе не се плаши да излезе и да сведочи за Исус. После сиот доживеан страв, разочарување, затајување и предавство, тој храбро излегува од тајноста и безбедноста на затворениот простор и гласно говори: „Вие знаете за сето она што се случуваше по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштевањето што го проповедаше Иван: како Го помаза Бог со Дух Свети и со сила Исус од Назарет, и како Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него. И ние сме сведоци сме за сѐ што направи Тој во земјата Јудејска и во Ерусалим. Него Го убија, приковувајќи Го на крст. Него Бог го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави, но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите. И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија над живите и мртвите“ (Дела 10,37-42).

Нашата вера и сета наша надеж почиваат на оваа сведоштво на првите сведоци на Христовото воскресение. Исус е жив! Бог го постави да им суди на живите и мртвите! Тој е Судија и Спасител. Кој верува во Него, ќе живее и во негово име ќе прими простување на гревовите.

За време на појавувањето Исус ги поздравил своите ученици со зборовите: „Мир вам!“

Да го замолиме во оваа време Неговиот збор да допре до свеста на сите оние кои се опиени од сопствениот егоизам, моќ и сила, кои внесуваат немир и раздор, да се откажат од гревот и во името на Бога да почнат да прават добро и да работат на воспоставување мир и правда меѓу сите луѓе и народи во овој свет чии сопственици не сме ние, туку го примивме како подарок што можеме да им го пренесеме на генерациите по нас. Нека и нам Воскреснатиот Исус ни ги отвори очите да поверуваме, бидејќи во спротивно ќе се соочиме само со неодговорени прашања. На сите Ви посакувам среќен Велигден! Христос воскресе! Амин. Алилуја!, рече скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.

Евротип
SNBROKER
To Top