Новости

Македонија

Матичните лекари утре на протест

Матичните лекари утре, на Денот на здравјето, ќе одржат мирен протест пред Министерството за здравство. Управниот одбор на Здружението на приватни лекари на Македонија на втори овој месец одлучи по третпат да излезе на мирен протест бидејќи не е исполнето ниедно од нивните барања.

– Получасовниот протест пред Министерството за здравство ќе почне напладне, а одлучивме да се собереме сите лекари и медицински сестри на 7 Април, Денот на здравјето, бидејќи ништо не се смени. Првпат имаме министер кој е од примарното здравство и кој ги разбира нашите проблеми, исто и заменик-министер кој е од терцијарното здравство и кој ги разбира нашите проблеми. Но за жал, Владата не исполни ниту едно наше барање. Економскиот совет на Владата да си најде пари за покачување на капитациониот бод на матичните лекари, за да може да ги задржиме младите лекари и да ги исплатиме соодветно медицинските сестри – вели Лидија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.

Работните групи составени од претставници од матичните лекари, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и лекарската комора, кои беа формирани по првичниот протест на лекарите и кои требаше да ги решаваат нивните барања, како што вели Чолакова-Дервишова, воопшто не проработеле.

– Оставивме доволно време да се формираат групите, но тие не проработеа. Бараме покачување на капитациониот бод, кој пред четири години беше зголемен на 63 денари по пациент и оттогаш не добиваме никакви средства плус, а сѐ е поскапено, од гориво, струја, животни трошоци. Има амбуланти во кои дел од колегите за да стигнат на работа, трошат и по половина плата за гориво, амбулантите во малите места едвај исплаќаат плати за лекарот и медицинската сестра, а во поголемите имаме и по 150 прегледи дневно – вели Чолакова-Дервишова.

Стратешко барање на матичните лекари, како што објаснува Чолакова-Дервишова, е да се направат измени на законски измени со кои пациентите нема да се водат на лекар, туку на приватната здравствена установа во која работат, за да не се случи тие да останат без лекар при негово пензионирање и да се задржат младите лекари бидејќи со секое заминување на лекар, амбулантата одново ги почнува административните постапки.

– Бараме да се смени начинот на препишување на лекови како за хронично болните пациенти, така и да се воведат нови лекови. Да најдат нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, бидејќи постојниот доведе до тоа да има се помалку матични лекари. Бараме решенија за да има лекари и за опстанок на примарното здравство – вели Чолакова-Дервишова.

Евротип
SNBROKER
To Top