Новости

Македонија

МВР: Нерегистрирани и неисправни возила се одземаат на 90 дена

По честите соопштенија на Министерството за внатрешни работи за редовните сообраќајни контроли во кои секојдневно се наведува дека се казнети голем број возачи кои управувале нерегистрирани и технички неисправни возила, од МВР потсетуваат дека согласно новите законските одредби возилата кои се технички неисправни или учествуваат во сообраќајот со истечена сообраќајна дозвола повеќе од шест месеци, се одземаат на 90 дена.

„Од стапувањето во сила на оваа одредба, до денеска, одземени се 24 возила (СВР Скопје- едно, СВР Тетово-осум, СВР Струмица-10, СВР Штип-пет), се вели во соопштението.

МВР потсетува што предвидува членот 344 од Законот за безбедност во сообраќајот и на патиштата:

„Во став 1 од членот 344 се вели дека полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото кое не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важноста на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност или кое нема пропишани регистарски таблици.

Во став 2 од истиот член се вели дека полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена. Во став 3 се прецизира дека доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото привремено одземено според савот 2 на овој член, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.

Во став 4 е нагласено дека полицискиот службеник кој го исклучил возилото од сообраќај, на возачот на самото место привремено ќе му ја одземе сообраќајната дозвола или регистарските таблици, за прекршоците сторени од ставот (1) на овој член.

Во став 5 од овој член на Законот, се вели дека Министерството за внатрешни работи, чиј полициски службеник привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должно на возачот да му ги врати дозволата или регистарските таблици штом престанат причините поради кои истите му се одземени. Во рок од 72 часа од моментот на одземањето, сообраќајната дозвола или регистарските таблици се доставуваат во местото каде што возилото се води во евиденција.

Понатаму, став 6 прецизира дека олицискиот службеник кој привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должен на возачот за тоа да му издаде потврда, која содржи назив и седиште на органот што ја издал сообраќајната дозвола, име и презиме на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото и негова адреса, име и презиме на возачот и неговата адреса, причина за одземањето, вид и регистарски број на возилото, датумот, времето, патот и местото на одземањето, начинот и времето на враќање на сообраќајната дозвола и печат и потпис на полицискиот службеник.

Доколку возачот не ги преземе одземената сообраќајна дозвола или регистарските таблици во рок од три дена од денот на нивното одземање, а сообраќајната дозвола и регистарските таблици не се водат во евиденцијата во местото на одземањето, истите ќе му се достават во местото каде што се води возилото во евиденција, се предвидува во последниот, став 7 од членот 344 на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата”.

GOLD
To Top