Новости

Македонија

МЗ: Состојбата со вирусот е стабилна, да останеме одговорни

Согласно неделните извештаи на Институтот за јавно здравје за изминатиот месец, бележиме стабилизација на епидемијата во земјата. Речиси сите епидемиолошки параметри според кои се евалуира состојбата со епидемијата бележат тренд на намалување, односно зголемување во однос на бројката на оздравени случаи.

Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари 2021г, процентот на позитивни од тестирани изнесува 16% што споредено со средината на месец декември (извештај на ИЈЗ за периодот 14-20 декември 2020г) е намалување од 13,3%, кога процентот изнесувал 29,3%.

Во истиот извештај од месец декември бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот на ИЈЗ за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48%. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.

Според вчерашната дневна статистика бројот на активни случаи изнесува 11.924. Споредено со истиот датум во декември кога бројката е 21.979, бројот на активни случаи е намален за 46%.

Еден од клучните индикатори е и бројот на хоспитализации на инфективните оддели во главниот град и болниците низ земјата. Вчера биле хоспитализирани 598 пациенти, што е речиси двојно помалку од хоспитализираните на истиот датум во декември, односно 51%.

По значителното намалување на бројот на хоспитализации, затворени се ковид центрите на Клиниката за очни болести и Клиниката за уво, нос и грло, а клиниките се враќаат на својата редовна работа.

Министерството за здравство порачува граѓаните да останат одговорни и да продолжат доследно и целосно да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид-19 и превенција од понатамошно ширење на вирусот.

Министерство за здравство

GOLD
To Top