Новости

Македонија

Мицкоски: ВМРО ДПМНЕ оди на избори и победа

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на седницата на Централниот комитет донесе едногласна одлука дека ќе учествува на изборите на 15 јули.

Како што соопшти партискиот лидер, Христијан Мицкоски по седницата, ВМРО-ДПМНЕ очекува Талат Џафери да ги закаже изборите.
“Денес заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесовме едногласна одлука дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува и победи на изборите кои што очекуваме господинот Џафери да ги закаже во среда на 15-ти јули.

Во овој период се водев од две основни работи. Тоа е заштитата на здравјето на граѓаните и заштита на волјата на граѓаните. И двата услови од страна на Заев и СДСМ конечно се прифатени. Прифатено е да има протоколи за заштита на здравјето на граѓаните на денот на избори поточно ранливите категории на граѓани да гласаат на изборите од дома, правила кои досега не беа прифатени. Како и мисија на ОБСЕ/ОДИХР чија основна задача ќе биде заштита на волјата на граѓаните. И сигурно многумина се прашуваат зошто имаше одолговлекување со конечниот договор. Едноставно е, не можев да прифатам избори кои ќе значеа газење по човечки животи, и газење по здравјето на граѓаните. И секако не можам да прифатам избори помалку демократски од една Белорусија.

Дали е ова лесна одлука? Одговорот е секако не. Имавме две опции, да одиме на избори во редовниот рок, а државата ќе продолжеше да тоне. И во декември веќе и немаше да биде важно кој ќе биде во Владата, затоа што се можеше да биде загубено. Државата тоне, а граѓаните страдаат. Или сега во овие сложени околности да тропнеме на маса и да кажеме дека време е за промени, и тоа време е за промени е сега. Имаме обврска кон државата и сите нејзини граѓани да го поразиме ова раководство на СДСМ и Зоран Заев, и да го поразиме веднаш. Еве го тој момент. Момент на одлука. Момент кога секој граѓанин ќе има можност да го даде својот глас. Секој од вас одлучува почитувани сограѓани. Знаете сега ова што сега го имате е далеку од она што го заслужувате. Се чувствувате обесправени, понижени и несигурни. Гледате околу вас неправди и искривена кичма. Заслужувате повеќе и поинаку. А, 15-ти јули е одговорот,”изјави на прес-конференција, Христијан Мицкоски.

GOLD
To Top