Новости

Македонија

Наскоро повторно плаќање сметки во пошта

Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија” ја избра Халкбанк на нејзините шалтери да врши платен промет на местото на Еуростандард банка со која договорот прекина на 12 август годинава поради стечај.

-Управниот одбор на АД Пошта на С. Македонија по добивањето на согласност од Надзорниот одбор и предлага на Владата во својство на Собрание на Друштвото да даде согласност за склучување на договор за соработка помеѓу АД „Пошта на С. Македонија и Халкбанк АД Скопје”, информираат од државната Пошта.

Изборот е извршен меѓу понуди од осум банки по повеќе од два месеца од нивното добивање.

Според информациите од Пошта, Управниот одбор ја прифатил конечната понуда за соработка со Халкбанк АД Скопје како најповолна, согласно усвоените критериуми за евалуација на понудата. Но, по зеленото светло од Владата како мнозински акционер на Пошта, на обновување на платниот промет на поштенските шалтери ќе се чека уште два месеца, колку што се потребни до технички прием на Пошта, односно имплементација на постојниот систем, кој и досега беше во употреба.

Еуростандард банка имаше договор со Пошта за користење на нејзините шалтери за платен промет 15 години, но тој беше прекинат поради стечајот на банката. Сè уште не се знае на колкав период ќе се склучи договорот со Халкбанк. Но, тоа што веќе три месеци на поштенските шалтери ширум државата нема платен промет ги погоди и Пошта и граѓаните. Од договорот со Еуростандард банка Пошта за шест месеци годинава заработи 1,8 милиони евра, што е еднакво на околу 20 проценти од нејзините вкупни приходи, а над 800 нејзини службеници беа обучени и работеа само на платен промет. Граѓаните, пак, останаа без стотици шалтери на кои без долго чекање можеа да платат сметки за комуналии, да извршат некаков трансфер на пари или да подигнат пензија и социјална помош.

Се очекува по добивањето виза од Владата Халкбанк по примерот на Еуростандард банка да склучи договор со Пошта за ангажирање поштари за дистрибуција на пензиите. Претходно, преку Еуростандард банка на безмалку 40.000 пензионери и околу 20 илјади корисници на социјална помош парите им ги носеше поштар на домашна адреса.

GOLD
To Top