Новости

Македонија

Нови 42 случаи на ХИВ/СИДА во Македонија, сите се мажи, најмладите заразени се на возраст од 20 до 24 години

Кај 37 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 5 лица се изјасниле како хетеросексуалци, објавува Институтот за јавно здравје во најновиот извештај по повод 1 декември –  Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА 

Од јануари до 30 ноември годинава регистрирани се вкупно 42 нови лица со потврдена ХИВ/СИДА-инфекција. Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 37 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 5 лица се изјасниле како хетеросексуалци, објавува Институтот за јавно здравје во најновиот извештај, а по повод денешниот Светски ден за борба против ХИВ/СИДА.

Темата на Светскиот ден за борба против СИДА за 2021 година е „Крај на нееднаквостите, крај на СИДА-та“, ставајќи посебен фокус на контактите на луѓето кои се оставени. Возрасни и деца кои живеат со ХИВ во светот се 37 милиони и 700.000 лица во 2020 година, а новоинфицирани со ХИВ се 1,5 милион возрасни и деца. 

36 лица од новооткриените се заразени со ХИВ, а шестмина се болни од СИДА

Во земјава четири лица починале од СИДА во 2021 година.

Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите.

Според дијагноза, 36 лица од новооткриените се заразени со ХИВ, а шестмина се веќе болни од СИДА.

Најмладите заразени се на возраст од 20 до 24 години, а најмногу (13 случаи) се помеѓу 35 и 39 години. Две лица со ХИВ се во возрасната групата 50 до 54 години.

И натаму, најмногу регистрирани со ХИВ/СИДА се во Скопје – 17 лица, четворица  во Битола, по тројца во Прилеп, Штип,  Велес и Струмица, по двајца со ХИВ/СИДА се дијагностицирани во Кавадарци и Тетово и по еден случај има во  Демир Капија, Гевгелија, Гостивар, Кратово, Куманово и Охрид.

Од Институтот предупредуваат дека секое забавување на обезбедувањето на овие услуги ќе остави многу ранливи популации под поголем ризик од ХИВ инфекција и смртни случаи поврзани со СИДА.

– Како и да е, низ целиот свет, здравствените работници и претставниците на заедницата прават се за да ги одржат услугите, усвојувајќи иновативни начини за надминување на нарушувањата во услугите предизвикани од ковид-19. На сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигури правилно и редовно земање на лековите, за да се избегнат евентуални несакани ефекти.

Надлежните тврдат дека пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на КОВИД-19 се остварува зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.

Оваа година, поради пандемијата со ковид-19, целата програма се спроведува во вонредна состојба којашто директно влијае во обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но сепак, велат дека се постигнати значајни резултати.

Состојбата со ХИВ/СИДА во светот 

СЗО денеска ги повикува лидерите и граѓаните да се соберат за да се соочат со нееднаквостите што ја поттикнуваат СИДА-та и да допрат до оние кои моментално не добиваат основни услуги за ХИВ.

Возрасни и деца кои живеат со ХИВ се 37. 700. 000 во 2020 година.

Возрасни и деца новоинфицирани со ХИВ се 1. 500.000 во 2020 година.

Смртните случаи на возрасни и деца поради СИДА се 680. 000 во 2020 година.

Луѓе кои живеат со ХИВ кои се на Антиретровирусна терапија (АРТ) се 27 500 000.

Процент од луѓето кои живеат со ХИВ, кои се на Антиретровирусна терапија е  73 отсто.

Луѓе кои живеат со ХИВ кои го потиснале вирусното оптоварување 24 900 000.

Процент од луѓето кои живеат со ХИВ кои го потиснале вирусното оптоварување 66 отсто.

Евротип
Евротип
To Top