Новости

Македонија

Од понеделник вакцинација со „Спутник“

Како донација од Србија во С.Македонија пристигнаа 20 илјади дози на руската вакцина. Поголеми количини вакцини се очекуваат во наредниот период.
20.000 дози од вакцината „Спутник V“ пристигнаа во Северна Македонија, како донација од соседна Србија. Се очекува да стигнат уште дополнителни 20.000 вакцини наменети за ревакцинација. Вакцинацијата со „Спутник“ ќе се почне во понеделник во спортскиот центар „Борис Трајковски“ на 48 пункта. Планот е дневно да се вакцинираат по 5 илјади лица од МВР, АРМ, медиумски работници, судовите, возачите на автобуси, пожарникарите, воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

Ова е втора донација од Србија, која претходно испрати 8.000 вакцини на „Фајзер“ . Премиерот Зоран Заев вели дека станува збор за акт на огромно пријателство кое доаѓа во многу значајно време, за да продолжи континуитетот на масовна вакцинација во земјата.

С. Македонија вчера ја започна масовната имунизација на населението со вакцините на „АстраЗенека“. Досега во земјата има пристигнато 78 илјади вакцини, од кои 48 илјади се од Србија. Во текот на април се очекуваат 25 илјади од Европската Унија, 200 илјади вакцини од Кина, како и уште вакцини од „Спутник“.

GOLD
To Top