Новости

Македонија

Онаму каде што сега треба една доза од октомври за влез ќе требаат две дози вакцина, најави Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче, најави дека една од мерките која речиси сигурно ќе биде предложена во октомври е барањето сертификат за целосна имунизација, односно примени две дози вакцина онаму каде што сега влез во угостителски објекти или институции е дозволен со една примена доза.

„Мерка која сигурно ќе се препорача е потребата да се прикаже сертификат за најмалку една примена вакцина, наскоро да прерасне со потврда за целосно вакцинирани граѓани. Тоа ќе биде некаде во месец октомври. Тоа е сигурно“, рече Филипче, додавајќи дека на граѓаните ќе им се остават 2-3 недели за вакцинирање.

На денешната прес-конференција тој информираше дека од граѓаните над 18 години вакцинирани се 46 отсто, а 37 отсто од целата популација во државата, што не е доволно. Охрид, Ресен, Вевчани, Неготино и Кавадарци ги спомена како градови во кои има најголем процент вакцинирани, а најмалку има во Тетово и Гостивар.

Според податоците што ги изнесе Филипче, над 90 отсто од починатите биле невакцинирани, а од вкупниот број новодијагностицирани од 6 до 16 септември 21 отсто биле вакцинирани, а 79 немале примено вакцина.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека за задолжителна вакцинација е рано иако во некои земји таа е воведена за одредени категории, но додаде дека не ја исклучува можноста идната година да се применува доколку такви бидат препораките во светски рамки.

Филипче повторно ги повика граѓаните да се вакцинираат, образложувајќи го тој апел со фактот дека нема притисок во болниците во градовите каде што има висок процент вакцинирани и додаде дека вакцинацијата е суштината за излез од кризата секаде во светот до крајот на оваа или сигурно следната година.

Филипче најави детална анализа за состојбата со ковид-19 која ќе опфаќа број на новозаболени, градови во кои се јавуваат, возрасни групи, состојбата во учулиштата и опфат со вакцинација и резултатите од неа ќе бидат еден од индикаторите за евентуални дополнителни антиковид мерки.

„Во училиштата нема зголемува на бројот на хоспитализирани деца, а за моделот на настава ќе зборуваме откако ќе ги добиеме податоците од анализата којашто треба да биде готова во сабота и од бројот на дијагностицирани деца во училиштата“, рече Филипче.

Евротип
Евротип
To Top