Новости

Македонија

Откриено спомен обележјето и вечното почивалиште на Тоше Проески во Крушево

Денеска, претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Крушево, Томе Христоски присуствуваа на откривање на спомен обележјето на Тоше Проески и положија свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.

Посебен момент и големо значење на настанот дадоа и маратонците кои трчаа од Табановце преку Скопје до Крушево за да оддадат почит на музичкиот великан Тоше Проески.

„Денеска сме тука за да поклониме пред вечното почивалиште и спомен обележје на нашиот голем сограѓанин и интернационално прифатен естраден уметник – Тоше Проески, како наша должна почит за момчето со големо срце кое беше преполно со љубов, добрина, хуманост, верба, човечност и бескрајна посветеност и верност кон музиката.

Му оддадовме достојна почит на нашиот Тоше пред реализираното идејно решение на неговото вечно почивалиште, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше.

Од денеска натаму сите ние, како и сите фанови на Тоше од другите земји, ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува искрената религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика.

Тоше на најдобар можен начин, успеа да го обедини Балканот. Онака како што треба, успевајќи со својата искрена желба, неповторлива харизма и со своите безвременски песни да ги премости сите навидум непремостиви нешта. Тоа е нашата македонска гордост, кој со својот ангелски глас и непосредност, полнеше стадиони, плоштади и сали, каде и да се појавеше.

Огромното влијание и споменот на неговата силна личност и исклучителен талент, никогаш не ги оставија без посетители неговото гробно место и спомен куќата, но од денеска натаму имаме вечно почивалиште и спомен дом достојни за големината на Тоше.

Загубата на Тоше Проески со ништо не може да биде надоместена. Но, затоа е тука вечното сеќавање на благородната душа која со своите постапки и со своите песни обележа цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво“.

GOLD
To Top