Новости

Македонија

Пеколни горештини, зголемен број на повици во Брзата помош, наплив на пациенти со труење од храна

Топлотниот бран ги наполни болниците. Се поголем број на граѓани завршуваат со труење од храна, несвестици, а зачестени се и сообраќајните незгоди поради намалена концентрација на возачите.

Сето ова е резултат на превисоките температури, но и непочитувањето на препораките на здравствените власти, велат од службата за брзата помош, каде дневно имаат и по стотици повици од граѓани на кои им треба помош.

„Имаме зголемен број на повици, морам да кажам дека и покрај сите апели што ги даваме, граѓаните не ги почитуваат препораките излегуваат во оној период кога е препорачано да не се излегува, така што еве само од утринава имаме две сообраќајки без потешки последици, четири колапси, две на јавен простор, а две на работни места. Хронично болните се тие што ни се најчести пациенти, но тоа не значи дека се позаштитени и младите, бидејќи тие често излегуваат од дома без појадок, нејадени, не пијат доволно течности, така што имаме и многу млади пациенти.“ – вели д-р Ѓорѓи Карамановски – Служба за итна медицинска помош.

Со оглед на тоа што е зголемен бројот на колапси на јавни простори, лекарите од брзата помош споделуваат неколку совети како да се пружи прва помош на некој кој што колабира од топлото.

„Во случај ако почувствуваме втроглавица, несвестица, да се тргнеме малку на страна каде било во најблиската продавница, трговски центар, каде што има разладена просторија, додека дојде екипата на брзата помош, на луѓето кои колабираат може да им помогнете со тоа што треба да се разладат, со облоги на градите и на телото, не дај боже ако е потежок случај секогаш се почнува со реанимација, со вештачко дишење и масирање додека да дојде екипата на брзата помош.“ – – вели д-р Карамановски.

Иако Владата препорача работодавците да го реорганизираат работното време со цел да се заштитат работниците од директна сончева изложеност, на терен инспекторите веќе утврдиле бројни непочитувања на препораките, особено кај градежните работници, но и во фабриките каде дел од вработените работеле без уреди за разладување, на енормно високи температури… Од инспекторатот велат дека сите работодавци кои не ги почитуваат препораките ќе добијат соодветни казни кои што изнесуваат од 500-4000 евра

Портокаловата фаза поради топлото време продолжува и понатаму, од УХМР најавија дека до крајот на оваа недела ќе се соочуваме со пеколни температури, па затоа главната препорака останува, граѓаните да избегнуваат да се на отворено од 11 до 17 часот, да пијат повеќе вода и да конзумираат свежа и полесна храна.

СН Брокер
To Top