Новости

Македонија

Повисока плата од септември за медицинските сестри и техничари кои од 2015 завршиле високо образование

Медицинските сестри и техничари, кои завршиле високо школо или специјализација, и на кои од 2015 година наваму тоа образование не им беше платено, од септември ќе добијат надоместок на платата, најавија денеска министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита д-р Љубиша Каранфиловски.

„Во 2015 е направен еден пресек, тогаш е донесена одлука да се платат само специјализациите oд високите школи на тие кои дотогаш завршиле, т. е. се стекнале со образование од 180, односно 240 кредити. Сите медицински сестри и техничари кои инвестирале во своето образование од 2015 натаму не можеа да си го валоризираат преку својата плата“, кажа министерот.

Решението, како што кажа тој, е постигнато преку соработката со двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Ќе се направи анекс на Колективниот догоор согласно Законот за здравствена заштита согласно начинот како се одредува висината на платата.

„Медицинските сестри и техничари се категорија на здравствени работници кои несебично се дадоа во менаџирањето на ковид пандемијата“, додаде министерот.

Според д-р Каранфиловски, кадровските ресурси се најважниот потенцијал во здравството и нивното добро менаџирање и препознавање е основа за успешен здравствен систем. Тој вели дека европските директиви во здравството се во насока на признавање на високото стручно образование на медицинските сестри и техничари и дека нивната препорака е да тој сооднос во здравствените системи се движи 50-50 отсто, 50 отсто на високо стручно образование со 50 насто средно образование,.

„Во нашиот здравствен систем тој сооднос е сѐ уште многу понизок, со тоа што негде околу 23 отсто се сестри со високо образование и техничари со високо стручно образование, па се надеваме дека со ваквиот пристап, со овој додаток на образование вработените ќе ја земат разликата меѓу коефициентот од средно до високо стручно образование и ќе значи нивно препознавање во здравствениот систем“, рече д-р Каранфиловски.

Евротип
SNBROKER
To Top