Новости

Македонија

Портокалово ниво на опасност, денеска и утре температури и над 40 степени

Топол бран со температури и над 40 степени ќе ја зафати земјава денеска и утре. На целата територија на државата ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. Во петок во текот на ноќта ќе има зголемена облачност со појава на повремени врнежи.

Иако кај нас е застапена умерено-континентална и субмедитеранска клима, според синоптичарите, временските прилики кои ги имаме ова лето – високи температури и врнежи, наликуваат на тропски климатски услови. Тропската клима се карактеризира со високи температури кои достигнуваат до 40 степени Целзиусови. Врне секој ден, претежно во попладневните часови, а честопати има и невреме. Денот во кој температурата на воздухот е повисока од 30 Целзиусови степени е тропски ден. Тоа е карактеристично за подрачја со тропска и суптропска клима, но во текот на летото вакви денови бележат и региони со умерено-континентална клима.

Во случај температурата на воздухот да остане или да биде повисока од 25 степени во текот на ноќта, тогаш тоа е тропска ноќ, појаснуваат синоптичарите.

Екстремни топлотни бранови годинава ја зафатија северната земјина хемисфера, а особено Европа, која преживува едно од најтоплите лета, уривајќи ги долгогодишните температурни рекорди. Според информативната мрежа за временска прогноза и клима Climatebook, јуни годинава бил втор најтопол јуни во Европа и трет најтопол јуни на глобално ниво од 1981 година. Месечното температурно отстапување во Европа изнесувало +2,04°C во однос на просечната вредност во периодот 1981-2010 година и +1,57°C во однос на периодот од 1991 -2020 година. Соодветните глобални вредности беа +0,48°C и +0,30°C.

Во Европа топлотниот бран се смета како најлош во последните 200 години, предизвикувајќи пожари во Шпанија, Португалија, Франција, Грција. Температурни рекорди од над 40 степени забележаа Франција и Велика Британија. Во Обединетото Кралство и умерените климатски региони на Европа, дури и престојот во затворен простор летово не е доволен за да се избегнат опасно високите температури. Домовите во овие области се дизајнирани да одржуваат топлина во текот на зимата и немаат климатизација. Во Велика Британија, според извештаите на тамошните метеоролошки служби, секој петти дом се прегреал во текот на летото.

Топлотните бранови во Европа ја влошуваат и состојбата со енергетската криза. Како што домаќинствата и деловните субјекти ги вклучуваат своите климатизери, побарувачката за електрична енергија се зголемува, а растат и цените на струјата во услови на ограничен пристап до енергенси поради војната во Украина. Топлото време е проследено и со суша која се шири низ Европа, што предизвикува проблеми во земјоделството, речниот сообраќај и производството на хидроенергија.

Евротип
SNBROKER
To Top