Новости

Македонија

Последни денови за промовирање на идните проекти на кандидaтите на локалните избори

Следуваат последните три дена од изборната кампања за Локалните избори 2021. Кандидатите за градоначалници и за советници интензивно ги објавуваат своите проекти и ветувања пред гласачите. Реториката се заострува, а не изостануваат и напади и шеги на сметка на некои од нив на социјалните мрежи.

Во рамки на подготовките за локалните избори, Државната изборна комисија (ДИК) вчера на седница објави дека се почнати дополнителните обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори за користење на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе управуваат со овие уреди. Почната е и дистрибуцијата на недоверливиот избирачки материјал до сите општински изборни комисии, додека доверливиот избирачки материјал, каде спаѓаат гласачките ливчиња и избирачките списоци, кои се комплетно завршени, ДИК со обезбедување од полицијата в четврток ќе го достави до сите општински изборни комисии. Во петок, исто така со придружба и обезбедување на полицијата, ДИК ќе ги достави сите уреди за биометриска идентификација во општинските изборни комисии, кои и таму ќе бидат соодветно обезбедни од полицијата. Уредите за биометриска идентификација на гласачите се комплетно подготвени и наполнети со отпечатоците од прсти на гласачите од избирачкиот список, добиени од страна на МВР. Вчера беа избрани и претседател и членови за вторите посебни избирачки одбори во општините каде има пријавено поголем број на заразени од КОВИД-19 или лица во самоизолација, во Велес, општина Гази Баба, Карпош, Крива Паланка, Кратово и Куманово.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 17 октомври. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат пријавените болни и немоќни, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови…

Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на Ковид-19.

Евротип
Евротип
To Top