Новости

Македонија

Почина актерот Луран Ахмети

На четириесет и шестгодишна возраст од последици од коронавирусот почина реномираниот македонски актер Луран Ахмети, кој освен работењето во домашните театри, пред сè Албанскиот театар во Скопје, изгради и завидна меѓународна филмска кариера.

Тој беше дел од многу театарски претстави, играни и кратки филмови, а последните години беше дел од најгледаните турски серии.

Ја играше улогата на пашата Хусрев во хит серијата „Величенствениот“, а улоги имаше и во „Долина на волците“, „Збогум Румелија“ и бројни останати ТВ-серии. Во неговата кариера ги запиша и улогите во филмовите „Бал-кан-кан“, „Taken 2“ и „Limonata“.

Со пораки преку социјалните мрежи вечера од него се простуваат неговите колеги, актери и соработници кои со неверување ја примија веста за неговата смрт.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, пишува дека театарската сцена изгуби еден од најталентираните актери.

„Со длабоко жалење ја споделуваме веста дека почина еден од најталентираните актери на сцената на Албанскиот театар и светската филмска сцена. Ќе остане огромна и неисполнета празнина во културниот живот во земјата. Почивај во мир Луран! Сочувство до семејството, колегите и сите љубители на уметностa!“, напиша Стефоска.

Луран Ахмети е син на познатиот писател и публицист Џабир Ахмети, а зад себе остави ќерка, сопруга, сестра и родители.

GOLD
To Top