Новости

Македонија

Почна учебната година, во училиште се учениците од 1 до 3 одделение

Одложено за учениците, и редовно за студентите почнува учебната 2020/2021 година која е со многу неизвесности поради непредвидливост со заразата од КОВИД-19. Училишната година денеска треба да ја почнат 270 000 средношколци и основци, меѓу кои 19 илјади се првачиња – еден дел ќе бидат во клупите, а поголеми дел ќе учат онлајн од дома.

Учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата ќе ја следат со физичко присуство. Останатите основци од повисоките одделенија и средношколците со своите наставници ќе комуницираат преку националната платформа за учење од далечина која не е разработена, но, како што информираа од МОН и креаторите од ФИНКИ, слабостите се откриваат тековно, се отстрануваат и очекуваат целосно да биде функционална и да ја издржи оптовареноста од сите корисници.

Новата министерка за образование, Мила Царовска, очекува дека најголем дел од учениците и наставниците денеска без проблеми ќе може да се приклучат на делот „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација. Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со платформата која во моменти на напад, како што рече Царовска, не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици.

– Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие. Ние за три недели направивме децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието, рече Царовска по реакциите во јавноста за проблемот со функционирањето на платформата и сомнежите дали проектот ќе биде успешен.

Платформата има околу 270 000 корисници и досега се најавиле околу 160 000. Професорот Боро Јакимовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) вчера изјави дека го прифатиле предизвикот да воспостават  платформа за многу краток период.

Со физичко присуство и со здравствени протоколи, пак, покрај учениците до трето одделение, наставата ќе ја следат и повозрасни основци и средношколци од оние училишта кои ги исполниле критериумите и добиле дозвола од владината комисија формирана за да ги разгледува и да ги прифаќа или одбива барањата на општините како основачи на училиштата. Најголем дел се подрачани училишта кои имаат помалку ученици, а главен услов е состојбата со КОВИД-19 во одредена средина.

Според последните податоци кои вчера ги соопшти министерката Царовска, околу 600 основни и средни училишта добиле дозвола наставата да ја почнат со присуство на учениците, а барања поднеле над 860 училишта.  Одобренијата ќе се ажурираат месечно во зависност од епидемилошката состојба. Според Планот на Владата за наставата, основачите на училиштата (општините) најдоцна до секој 10-ти во тековниот месец ќе треба да ги достават до комисијата барањата за настава со физичко присуство со образложенија за исполнетост на условите во училиштата, а Комисијата во рок од седум дена ќе доставува предлог до Владата за давање согласност.

Ако родителите се премислат во одлуката и сакаат присуство наместо онлајн или обратно, од училиштата и градоначалниците ќе зависи флексибилноста односно колку бргу може да се предаптираат капацитетите што родителите сакаат да ги користат.

Комисијата за заразни болести одлучи по седум месеци повторно да се отворат ученичките и студентските домови, но со преполовен капацитет и со строго почитување на протоколите. Според нив, во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета може да бидат сместени најмногу две лица.

На студентите и средношколците кои поради условите во вонредни околности и намалениот број сместувачки легла не можат да бидат сместени, иако нивните барања биле одобрени, ќе им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење со местото каде што студираат. За да им се исплаќаат средствата, треба да се пријават на интернет-платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk  и да ги внесат потребните податоци.

GOLD
To Top