Новости

Македонија

Пресуда за „Таргет-Тврдина“: Мијалков – 12 години затвор, Јанкулоска – 4, Грујовски и Бошковски – по 15 години

Одлуката ја донесе донесе петчлениот судечкиот совет во состав: Џенета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца поротници. Пресудата е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје

Вкупно затворска казна определи денеска Основниот кривичен суд – Скопје за обвинетите за предметот „Таргет -Тврдина“, кој е основниот од аферата со масовното нелегално прислушување, односно се однесува на самото следење на комуникациите и на уништувањето на опремата на некогашното УБК.

Сашо Мијалков – 12 години затвор ( му се смета и времето поминато во затворски и во куќен притвор)

Гордана Јанкулоска – 4 години затвор

Горан Грујевски – 15 години затвор

Никола Бошковски – 15 години затвор

Надица Николиќ – 3 години затвор

Тони Јакимовски – 6 години затвор

Владимир Варелов – условна осуда од 2 години

Маријан Шумуликоски – условна осуда од 2 години

Силвана Златова –условна осуда од 2 години

Васко Исакоски-условна осуда од 2 години

Валентина Симоноски-условна осуда од 2 години

Ваква пресуда денеска изрече Основниот кривичен суд во Скопје за предметот „Таргет-Тврдина“ – еден од најважните случаи кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а кој се однесува масовното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година, како и за уништувањето на системите за следење на комуникацијата во сега згасната УБК.

Одлуката ја донесе донесе петчлениот судечкиот совет во состав од Џенета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца поротници.

Пресудата е првостепена и странките (обвинителството и одбраната) имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Сите обвинети, освен бегалците Грујевски и Бошковски, дојдоа да ја слушнат пресудата во судница.

Две истраги – едно обвинение
Случајот „Таргет-Тврдина“ околу година и половина е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција односно откако во септември 2019 предметите од поранешното СЈО преминаа во рацете на редовните обвинителства. Меѓутоа, обвинителите кои постапуваат во нив останаа исти, па така „Таргет-Тврдина“ пред судот продолжија да го застапуваат Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.

Овој предмет претходно беше поделен во два. На 29 март 2016, тогашното СЈО прво отвори истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите во УБК, а на 17 ноември истата година отвори и истрагата со кодно име „Таргет“. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.

Во обвинението, СЈО посочи дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани. Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле следени 5 827 телефонски броеви.

22 декември 2017 беше датумот за кога беше закажан и стартот на судењето. По повеќе од три години судење, процесот влезе во финалето од првостепената постапка.

GOLD
To Top