Новости

Македонија

Рампите на Евзони останаа спуштени, возила чекаат во меѓуграничниот простор

Рампите на граничниот премин Еврозни кон Грција изутринава останаа спуштени и покрај најавите дека по една година ќе се дозволи проток на македонски патници кон јужниот сосед. Од Грчката амбасада за Дојче веле велат дека чекаат официјално известување под кои услови и кога да се дозволи протокот на граѓани.

„Во моментов немаме никакво известување од кога ќе се отвори границата и под кои услови ќе се пропуштаат патниците. Евзони е се уште затворен и не знаеме кога ќе се отвори. Чекаме упатства, претпоставуваме дека во текот на денот ќе имаме повеќе информации“, велат од Грчката амбасада во Скопје.
Според информации во регионалните медиуми, на границата се пропуштаат само грчки државјани.

Во меѓувреме возила со македонски граѓани кои што поитале да ја преминат границата по најавите дека таа ќе биде отворена од изутринава, се заглавени во меѓуграничниот простор и чекаат да им биде дозволен влез.

„Уште од вчера бројни граѓани се јавуваат, прашуваат, се интересираат кога ќе можат да влезат во Грција. На преминот „Богородица“, македонските гранични полицајци ги пропуштаат возилата, но тие остануваат во меѓуграничниот простор да чекаат, се додека не биде дозволен влез во Грција. Од Евзони пак, ни велат дека немаат официјално известување од грчките власти и се додека не го добијат, нема да биде дозволен проток на патници“, објаснуваат од МВР за ДВ.

Засега нема точна информација колку возила се заглавени во меѓуграничниот простор, од од полицијата велат дека „има голем број автомобили“ со македонски патници.

Вчера беше најавено дека граничниот премин Евзони по една година повторно ќе ги отвори рампите за македонските граѓани коишто сакаат да патуваат во Грција. Во пресрет на летната сезона, по период од една година, јужниот сосед Грција ќе дозволи влез на македонски граѓани коишто исполнуваат неколку услови за влез во земјата, со цел превенција од Ковид-19.

Премиерот Зоран Заев соопшти дека на 14 мај се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Македонија. Влез во Грција ќе биде дозволен за сите оние коишто имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела. Ваквата информација била потврдена на средбата на Заев со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пренесува dw.mk

GOLD
To Top