Новости

Македонија

Рестораните за свадби бараат протоколи за почеток со работа, најавуваат и протест

Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, велат од Туристичко-угостителската комора.

Итно укинување на членот 14 од Уредбата со кој се забранува организирање секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени) во отворен и затворен дел од угостителските објекти, бараат членките на Туристичко-угостителската комора (ТУК).

Тие денеска на прес-конференција апелираа државата да донесе соодветни протоколи за да почнат со работа. Ако тоа не се случи, како што најавија, идната недела ќе излезат на масовен протест.

-„Од 15 март лани немаме протокол за започнување на нашата дејност. Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користевме парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само шест месец. Располагаме со големи капацитети, соодветна квадратура и можност за одржување организирани настани, со што би се запазиле усвоените протоколи според кои функционираат останатите ресторани со ограничено работно време“,

велат од Комората.

Тие сметаат дека еднократната парична помош во вид на грант, со максимален износ од 10 000 евра, е 2-4 отсто од вкупно остварениот промет во 2019 година, што е минимална поддршка за покривање на трошоците на оваа категорија угостители со оглед на големината и квадратурата на објектите со кои управуваат.

GOLD
To Top