Новости

Македонија

Роденден без дување свеќи, максимум 10 деца во просторот за играње, вели протоколот за игротеките

Владата дозволи отворање на игротеките за деца, а тие почнаа да ги повикуваат родителите да ги носат најмилите на забави и прослави. Одговорноста за целосно спроведување на одредбите од протоколот е обврска на вршителите на дејноста.

Ова се правилата и препораките (Протокол број 73) за заштита од Ковид-19 што треба да се почитуваат во игротеките.

• Да се отворат установите потребно е да се исчистат и дезинфицираат сите простории во објектите, да се направи чистење и дезинфекција на целата опремата и инвентарот.

• Да им се укаже на вработените за обврската да го следат сопственото здравје и состојбата на посетителите при прием и во текот на престојот на посетителите во игротеката. Вработените да се однесуваат одговорно и да се придржуваат кон општите препораки за превенцијата на Ковид-19 (физичка дистанца и употреба на лична заштитна опрема), на работното место и надвор.
• Веднаш да се отстранат вработените лица од своите работни места доколку имаат какви било симптоми на болест.
• Сите вработени во игротеката се известуваат да не доаѓаат на работа доколку имаат респираторни симптоми (зголемена телесна температура ≥37,5°С, кашлица, отежнато дишење).
• Родителите/старателите на децата се известуваат да не доаѓаат во игротеката доколку имаат респираторни симптоми (зголемена телесна температура ≥37,5°С, кашлица, отежнато дишење).
• На сите вработени, родителите и деца им се мери телесна температура пред влезот на игротеката и во случај на зголемена температура (≥ 37,5°C) не им се дозволува влез. Истите се упатуваат за понатамошна консултација кај матичен лекар.
• Пред влезот на игротеката се поставува дезо-бариера за дезинфекција на обувките која редовно се одржува натопена со дезинфекционо средство.
• На влез од игротеката, децата и родителите ги пречекува вработен во игротеката кој е задолжен да се грижи да ги дезинфицираат обувките и рацете.

• На влезот од игротеката, во ходниците и просториите за седење и играње се поставуваат едукативно-информативни материјали со насоки за заштита на здравјето и безбедност во центарот.
• Сите вработени во игротеката, родителите и децата при влегување во игротеката и за време на престојот таму задолжително носат заштитна маска/покривка на лице (заштитна маска не носат деца од претшколска возраст) и ја почитуваат мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар.
• Се ограничува бројот на деца во делот за играње согласно капацитетот на просторот со цел да се обезбедат по 4 квадратни метри по дете. Максималниот дозволен број на деца во делот за играње во игротеката е 10.
• Максимално дозволено време на престој во игротеката на една група посетители е 2 часа.
• Сите простории во игротеката задолжително се обезбедени со дезинфекционо средство и се проветруваат често, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на посетителите. За време на престојот во игротеката, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец.
• Да се бришат во текот на денот повеќе пати подовите во објектот, а теписоните, каде што постои можност, да се отстранат.
• Кадифените играчки што да се отстранат и да не се стават во користење.
• Играчките, по секоја група на деца, да се дезинфицираат со дезинфекциско средство кое дејствува на вируси според упатство на производителот.
• Доколку настанот е роденденска забава, се забранува славеникот да дува свеќи.
• Дозволени се само игри на дистанца од 1,5 до 2 м, со аниматор.
• Се почитуваат општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце или употреба на дезинфекционо средство за раце на база на алкохол).
• Се забрануваат поздравувања со физички контакт на вработените во игротеката и меѓу посетителите.
• Чистењето на просториите во игротеката се врши пред пристигнувањето на секоја група посетители, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатство на производителот.
• Површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените и посетителите во игротеката се дезинфицираат на почетокот и на крајот на посетата за секоја група посетители. Игротеката изготвува листа на сите површини што треба редовно да бидат чистени и дезинфицирани.
• Употребата на тоалетите се организира на начин што ќе овозможи присуство на помал број лица и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, лицето треба да чека надвор од тоалетот додека да излезе лицето што е внатре).
• Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и дезинфекција со средство кое дејствува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
• Во игротеката (доколку има) клима-уредите редовно се сервисираат, се менуваат и дезинфицираат филтрите.
• Менаџерот на игротеката треба да определи лица од вработените кои на одредени места ќе бидат во улога на контролори и воедно ќе можат да им помогнат на оние посетители што имаат прашања и им е потребна поддршка да ги разберат мерките за нивна заштита.
• Во тоалетите и во сите други простории од игротеката да се обезбедат канти за отпадоци со капак.
• Ако некој од посетителите или вработените развие симптоми на Ковид-19 додека е во игротеката, лицето со симптоми се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, доколку лицето е возрасно, веднаш му се укажува да се консултира со својот матичен лекар, а доколку лицето со симптоми е дете, веднаш се известуваат родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето и да го консултираат матичниот лекар на детето.
• Доколку се потврди дека лицето што присуствувало во игротеката е заболено од Ковид-19, менаџерот на игротеката врши консултација со епидемиолошката служба од регионалниот Центар за јавно здравје за натамошно постапување со групата на посетители на која ѝ припаѓа лицето и доследно се спроведуваат добиените насоки.
Во кафетеријата која е во функција на игротеката, односно во која чекаат родителите треба да се почитува Протоколот за работа на кафетерии усвоен од Владата.

GOLD
To Top