Новости

Македонија

Само 96 вакцинирани се заразиле од ковид, речиси сите поминале „со лесно“

Од вкупно 330.320 имунизирани лица во земјава, се заразиле само 96 лица, или 0,02 отсто, 13 од овие случаи завршиле во болница и ниеден не починал, соопшти Министерството за здравство. Од денес почнува и пријавување за вакцинирање во домашни услови.

Само 0,02 отсто од целосно вакцинираните, или вкупно 96 се заразиле со коронавирус од 330.320 имунизирани лица во земјава, 13 од овие случаи завршиле во болница и ниеден не починал, соопшти Министерството за здравство.

Граѓаните и без закажан термин се вакцинираат во вакцинални пунктовите. Теренската вакцинација се одвива со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место или населба. Веб-страницата „vakcinacija.mk” е отворена за закажување на термини за вакцинација на децата. Во спортските сали низ градовите граѓаните се ревакцинираат. Вкупно се дадени 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани. Со последните бројки од завчера, барем една доза вакцина примиле 62 отсто од населението повозрасно од 70 години, 59 проценти од тие над 65 години, 55 отсто од сите постари од 60 години и 45 отсто од тие над 50 години.

Само со масовното вакцинирање ќе успееме да го победиме вирусот, велат од Министерството. Oд денес почнува и пријавување за вакцинирање во домашни услови за болни и изнемоштени лица. Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да се направи и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.054, оздравеле 150.273 лица, а починати се 5.489. До завчера, 292 беа активни случаи.

Повторно беше двоцифрен бројот на новозаболени од ковид-19 во завчерашните ковид-статистики. Од новите 37 случаи, најголем дел се во Тетово и Скопје – 13, односно 12, во Велес се тројца, во Гостивар, во Прилеп и Струмица – по двајца, а во Охрид, Свети Николе и во Делчево по 1. Сепак, надлежните сметаат дека не се потребни дополнителни рестрикции, иако во Европа властите се загрижени поради новата делта-варијанта на вирусот.

Евротип
Евротип
To Top