Новости

Македонија

Седумнаесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.

На 21 месецов, 15 планинари од Струмица и Валандово по шеснаесетти пат маршираа во чест на трагично загинатиот македонски претседател. Маршутата и годинава ја почнаа пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во чест на Трајковски. Заради пандемијата од ковид-19 планинарите пешачеа до село Дедино, радовишко, а денеска ќе поминат уште една етапа во Скопје до гробот на вториот македонски претседател на гробиштата Бутел во Скопје, каде ќе се приклучат на одбележувањето на 17-годишнината од смртта.

Освен до Скопје, триесет планинари од Струмица и Валандово пешачеа и по падините на планината Беласица. Тие се искачија на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на меѓународна конференција во Мостар.

Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

GOLD
To Top