Новости

Македонија

Се истражува дали две лица во Македонија починале како последица на вакцина против ковид-19

Како што информираа од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД), лекари во април и септември пријавиле две лица на 85 и 53 години за кои се сомневаат дека можеби вакцината влијаела на нивниот смртен исход. Од МАЛМЕД велат дека сè уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините, која во едниот случај е Астра-Зенека, а во другиот вакцина од производителот Фајзер, за што дополнително се вршат анализи во Институтот за јавно здравје и УПСАЛА-мониторинг центарот во Шведска.

Досега во Македонија во април и септември се пријавени две лица на 85 и 53 години за кои се сомневаат лекарите дека можеби вакцината влијаела на нивниот смртен исход. Како што информираат од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, каде што лекарите ги пријавиле овие сомневања, сè уште не е докажана поврзаноста на вакцините со смртниот исход за што дополнително се вршат анализи во Институтот за јавно здравје и УПСАЛА-мониторинг центарот во Шведска.

Според Мерјем Хаџи-Хамза, раководител во МАЛМЕД, сè уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините, која во едниот случај е Астра-Зенека, а во другиот вакцина од производителот Фајзер.

-Обработката се прави во ИЈЗ и мислам дека има иницијатива за посериозните несакани ефекти да се формира посебна комисија, во рамките на самиот Институт која ќе ги следи овие случаи – појаснува Хаџи-Хамза.

Според неа, не значи дека ако се пријави некое несакано дејство после вакцинација, дека тоа значи дека е последица на вакцинацијата. – Постојат параметри кои треба да се испитаат како, на пример, каков бил профилот на пациентот, од што боледувал, какви лекарства примал. Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканата реакција, па нека е и смрт, е поврзана со вакцината и нејзината употреба – потенцира Хаџи-Хамза.

Таа посочи дека едното лице од починатите било со коморбидитети, а другата пријава пристигнала од лекар од Гевгелија.
Но директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани, смета дека во моментов фокусот треба да се стави на позитивните ефекти од процесот на имунизација и нивниот бенефит во заштитата од коронавирусот.

-Конкретно во процесот на вакцинација бенефитот е 99,9 проценти, имајќи предвид дека на почетокот имаше проблеми додека да пристигнат вакцините, но сега имунизацијата е добро организирана и тече успешно, за што веќе има и добри резултати – вели Шабани.

Досега во земјава се аплицирани над милион и половина вакцини, а сомнителни се само два смртни исходи, додека од вирусот секојдневно умираат голем број на пациенти.

Шабани потенцира дека во земјава сите вакцини се безбедни и поседуваат сертификати за тоа, како и сертификат за потребниот квалитет. Вакцините поминуваат ригорозни процеси на регистрација и контрола додека да дојдат до вакциналните пунктови. Се чуваат на потребната температура, во посебни ладилници наменети за тоа, а се проверува од страна на ИЈЗ. Според него се контролира и системот на ладен ланец од страна на инспекторите редовно, односно нивниот транспорт од аеродром до пунктовите каде што се врши нивната апликација.

За несакани реакции од вакцините во Агенцијата за лекови досега се пријавени 221 случај на конкретни реакции. Најголемиот број од пријавите се од лекари и фармацевти.

-Во Малмед досега се пријавени 133 лица од лекари, од страна на фармацевти 88 и од страна на други здравствени работници 10. Има уште неколку пријави и од самите граѓани, кои се исто така вклучени во обработката на Агенцијата за лекови, при што е направена категоризација на истите и пратени се во центарот за несакани ефекти во Шведска, каде има посебен центар УПСАЛА каде се врши неопходниот мониторинг – објаснува Шабани и дополнува дека сите држави во светот таму ги пријавуваат несаканите ефекти од вакцинацијата или од било кој лек и на ниво на СЗО организација се следи.

Шабани посочува дека секој може на веб-страницата на Агенцијата на лекови да пополни образец преку кој може да се пријави сомнеж за несакано дејство од било кој лек вклучително и вакцината против ковид-19.

-Досега пријавените несакани ефекти главно биле оние што се посочени во упатството за употреба, како што се вртоглавица, болка во рамото, нагони за повраќање, главоболки… укажува Шабани и појаснува дека дополнително во согласност со Европската агенција за лекови согледано е дека од вакцината на Фајзер можно е да се појави дополнително миокардит, перикардит и тешко дишење кое потоа со лекарска интервенција се санира.

Тој нагласува дека несакани дејствија кај децата што примиле вакцина не се регистрирани во МАЛМЕД.

За да ја разјасниме  дилемата стапивме во контакт со директорот на Иститутот за јавно здравје  д-р Шабан Мемети. Го прашаме до каде  се анализите на овие два сомнителни случаи. Д-р Мемети за весникот ВЕЧЕР вели дека не е информиран за тоа, дека тие дневно имформираат за починати лица. Тој не упати да прашаме во Министерството за здравство.

Евротип
SNBROKER
To Top