Новости

Македонија

Се чекаат резултатите од вештачењата за несреќата во Бугарија, засега причината веројатно е човечка грешка

Истрагата за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 македонски граѓани, меѓу кои и 12 деца, е при крај и се чекаат уште резултатите од вештачењата од судска медицина, техничкото и пожарно-техничкото вештачење. Тие, како што рече денеска заменик јавниот обвинител Борислав Сарафов за БНТ, би можело да бидат готови пред Божиќ, односно до 25 декември.

Според Сарафов, брзината со која се движел автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот и надминувала 90 километри на час, а повеќето патнички автобуси имаат технички ограничувања да не надминуваат определена брзина.

„ Барањата за еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач. Затоа било неопходно и брзината да била соодветна на условите независно од ознаките на патиштата. Да, можно е означувањата на патот да не биле соодветни, но нема никаква причинско-последична врска меѓу несреќата и лошата патна сигнализација. Возачот треба да е повнимателен и да вози со прилагодена брзина“, изјави Сарафов.

Според него, мислењето на експертите е дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка.

Досега истрагата покажува дека автобусот од сѐ уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.

Увидот на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи на местото на инцидентот покажа дека тротоарот е во одлична состојба, но ознаката е дотраена, а не е извршена и пролетната наредба за негово реновирање.

Евротип
SNBROKER
To Top