Новости

Македонија

Силно светнал ден за строга македонска песна навезена под европско небо

Учениците кои ја посетуваат дополнителната настава на македонски јазик во Германија, Словенија, Франција и Швајцарија под менторство на професорскиот кадар м-р Аниса Трпчевска, Ана Матовска – Смилевска, Катица Мицева, Бисера Коцар – Филиповски, Снежана Катарова, Елица Атанасовска – Стојаноска и Ане Тимовска – Митревска одржаа заеднички час по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.


Програмата на овој настан беше збогатена со учеството на едукаторката м-р Маја Димитрова која со куса презентација ја претстави работата на Националната галерија, нејзиното институционално значење во зачувувањето и промовирањето на македонските современи и традиционални културно-уметничките вредности. Националната галерија веќе со години наназад реализира ваков вид соработка со професорскиот кадар и истата ужива голема доверба и почит кај учениците кои ја посетуваат наставата на македонски јазик.


Ксенија Маказлиева – Трајческа, уредник на детските списанија Детска радост и Другарче во издавачката куќа Просветно дело а.д. ги запозна учениците со историските податоци за првите детски печатени списанија на македонски јазик и истите визуелно им беа прикажани.


Ова беше навистина значаен миг за нашите ученици, бидејќи имаа неповторлива можност да ги видат првите детски печатени списанија на македонски јазик. Сето ова ја поттикна нивната љубопитност, па тие изразија желба за оранизирана посета, како на Националната галерија, така и на Просветно дело. Сметаме дека ваквите часови, но и идни лични средби, кои неминовно се наметнуваат по ваквите успешни часови, се од суштинско значење за развивање на чувството на припадност, а со самото тоа и втемелување на љубовта кон родниот крај и сопствените корени. – изјавија амбициозните професорки.


Овој пионерски настан кој неминовно заслужува големо внимание како поради иницијалната идеја, така и поради бесконечната улога во втемелувањето на националните обележја во детските карактери, заврши со прекрасната музичка изведба на македонските песни Македонско девојче и Во светот на бајките, на м-р Анета Качуркова – Милцент, наша музичка ѕвезда, поранешен член на групата П. С. , која моментално е со ангажман на Музичката академија во Париз. Околу 200 детски гласа низ целата Европа во хорски настап зааедно со Анета ги испеаја овие песни. Овие детски гласови силно ја испратија пораката од мотото на овој настап до цела Европа:
Европо, слушни го македонскиот збор!
Ечеше етерот на Европа на 19.02 од македонските детски гласови кои пеејќи македонска строга песна ѝ испратија ветување на Старата Дама дека иднината им припаѓа ним, на овие ученици, новата иднина во која македонски букви се нижат на ѓердан денови.
Овој настан со гордост беше проследен од Министерството за образование и наука, чиј претставник беше Сања Јанчева – одговорна за професорскиот кадар во странство и Агенцијата за иселеништво, претставувана од Билјана Костова, раководител на сектор и Симона Ристевска, портпарол.
Навистина ме изненадивте, не ве очекував во волкав број. Радост е да се биде дел од настанов. Мајчиниот јазик е насушна потреба на секој човек и секој од нас има одговорност да го негува и развива – со видна радост во гласот им се обрати Сања Јанчева на присутните, не пропуштајќи ја можноста да ја пофали досегашната работа на професорките.
Агенцијата за иселништво секогаш ви стои на располагање за потребите на наставата. Ние секогаш ќе вложуваме напори да ви обезбедиме учебници и наставни помагала. Дел до овие учебници штотуку се изготвени од вашите професорки, кои ја заслужуваат сета наша почит, и истите ќе ви бидат наскоро достапни. Радост е да ве видиме во толкав број и да бидеме сведоци на еден ваков убав настан кој се одржува далеку од вашата татковина, на кој сите вие од различни држави можете конечно да се запознаете и да другарувате. – изјавија Билјана и Симона од Агенцијата за иселеништво.
Татковината се брани и чува со дела. Овие умни детски глави, штотуку го одбранија македонското наследство и ја сочуваа нашата македонска сегашност, но и иднина.
Татковината се гордее со ваква младина!

GOLD
To Top