Новости

Македонија

Симовски: Три години затвор за оној што ќе се попише како да е во странство

Системот за попишување е максимално заштитен и не може никој да упадне со лажни податоци, а кривична постапка ќе биде покрената за секој оној што се обидува да го изманипулира системот, односно да се регистрира како дијаспора од својот компјутер во Македонија. Ова за Плусинфо го вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, откако утрово неколку програмери укажаа на грешки и слабости во системот, односно предупредија дека со бесплатно инсталирање „VPN“ може секој наш сограѓанин да се попише како да живее во странство.

– Кривична постапка ќе биде покрената за сите што се обидуваат да приложат лажни податоци во системот. Според член 9 во Законот за попис јасно пишува дека секој оној што ќе уништи, прикрие, оштети или на друг начин ќе стори да бидат неупотребувани внесените податоци во пописната апликација, ќе се казни со затворска казна од најмалку три години. Ги прочитав предупредувањата од програмерите, но можам само да кажам дека лажни податоци во системот не можат да бидат внесени. Некој може да се регистрира и да мисли дека внесол лажни податоци, но всушност самиот систем ќе покаже дека податоците не се веродостојни. Таквите случаи ќе ги регистрираме, бидејќи станува збор за намерен упад во апликацијата – вели Симовски.

Програмерка од Македонија прва укажа дека системот за попишување има големи слабости и дека секој кој ќе инсталира „VPN“, а како што таа објасни на Фејсбук во групата на Сојузен комитет на програмери на Македонија, тоа се прави бесплатно, тогаш, може секој граѓанин да се попише како да е во друга држава, односно во странство.

„Јас живеам во Македонија и успеав да се самопопишам користејќи VPN. Интернет страницата не дозволува да се регистрирате доколку имате македонска IP адреса, но штом инсталирав VPN (бесплатен) веќе немаше ограничувања.Самопопишувањето не е само за дијаспората, туку и за секој граѓанин кој во периодот нема да биде во Македонија, и така јас одбрав да сум кај нашиот северен сосед. Го оставив мојот македонски број и без никаков проблем бев регистрирана и го пополнив прашалникот. Не се бараат никакви податоци за адреса од земјата каде што престојувам, а причина за престој имаше повеќе опции, од кои последната беше ‘друго‘. Ми падна чудно што и во прашалникот кога ја пополнував адресата во Македонија, задолжително беше само името на улицата, но не и број, влез, стан“, напиша програмерката.

Анализа на апликацијата за попишување направил и еден нејзин колега, кој на истата таа Фејсбук група напиша дека не се работи за грешка на апликацијата, туку за „лажирање“ на локацијата.

„Не постои начин да се ограничи пристапот преку VPN. И нема ништо страшно ако 20, 100 или 500 луѓе немаат попаметна работа и внесат грешни податоци. Статистички се премногу мали и неважни за исходот на целокупната операција и нивните податоци ќе служат единствено како статистичка грешка и за сензационалистички статии по медиуми. Податоците прибрани од пописот нема да се пласираат и да се употребуваат онака како што се внесени. По прибирањето на податоците тие се обработуваат, а тоа меѓу другото подразбира и нивна проверка и вкрстување со податоците добиени физички и со податоците во останатите бази на податоци“, пишува програмерот.

GOLD
To Top