Новости

Македонија

Сите жртви од трагедијата на „Струма“ починале од задушување, соопшти бугарското обвинителство

Бројот на жртвите од автобуската несреќа е 44, а останува мистерија дали едно лице се префрлило во друг автобус пред трагедијата. Преживеаните тврделе дека се извлекле 8 лица. Во автобусот немало канти со нафта.

Сите 44 жртви во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ починале како резултат на задушување во пожарот кој избувнал по сударот на автобусот со банкината, соопшти бугарското обвинителство. Досегашната истрага покажала дека ниту еден патник не настрадал од трауми како последица на самиот удар.

„Сите загинати биле живи во моментот на избувнувањето на пожарот“, рече бугарскиот обвинител Борислав Сарафов на прес-конференција во четвртокот во Софија.

Бугарските обвинители ги отфрлија сите шпекулации кои досега циркулираа во медиумите во двете земји, дека во автобусот се превезувале канти со нафта или бензин и дека тоа ја предизвикало трагедијата. Исто така, нема ниту еден сведок на настанот, освен седуммината преживеани патници.

Истрагата досега утврдила дека се работи за човечка грешка која била дополнета и од „лошата сигнализација на патот и банкината“ кои не биле според стандардите.

Реконструкцијата на настанот која ја направи бугарскиот обвинител Борислав Сарафов покажува дека автобусот од, досега неутврдени причини, свртел кон десно и удрил директно во банкината. Се претпоставува дека лошата сигнализација на патот можеби го довела во заблуда возачот на автобусот. По ударот, од десната страна на автобусот останала заглавена банкината. Самото влечење на металната ограда под автобусот предизвикала големи искри кои предизвикале палење на нафтата и маслото во автобусот. Резервоарот за гориво на возилото се наоѓал токму од десната страна која директно удрила во заштитната ограда.

Огнот кој избувнал во предниот дел од автобусот не им дал шанса на патниците да побараат излез од предната врата, па сите поитале кон задната. Но таа била заглавена од оградата на патот. Досега беше познато дека само седум патници кои се наоѓале во задниот дел на автобусот успеале да се спасат. Но, според нивните изјави по несреќата, се спасиле осум лица. Од бугарското обвинителство велат дека е нејасно дали тоа навистина било случај. Факт е дека досега се утврдени идентитети на 44 жртви и 7 преживеани. Недостасува еден патник и се истражува дали можеби тој пред несреќата се префрлил во некој од другите три автобуси на „Беса Транс“.

Евротип
Евротип
To Top