Новости

Македонија

Сите работници постари од 64 години ќе одат во пензија до крајот на 2021 година

Само лекарите специјалисти и професорите на факултетите ќе може да работат до 67 годишна возраст а сите други работници постари од 64 години ќе мора да заминат во пензија до крајот на 2021 година. Ова е најважната предложена измена на Законот за работни односи кој денеска влезе во собраниска процедура.

За да се обезбеди преоден период, сите оние што до 31 август оваа година поднеле барање за продолжување на договорот за вработување, истиот ќе им важи до истекот на времето за кое е продолжен.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски вели дека недостигот на стручен кадар особено во здравството може да се надмине и преку ангажирање на пензионираните работници.

„Иста можност треба да се обезбеди и за другите дејности каде е евидентиран недостиг од стручен кадар. Сметаме дека законското решение за продолжување на работниот однос и по навршени 64 години треба да се однесува и за случаи кога за работното место не може да се обезбеди соодветен стручен кадар и кога постои заемна волја за продолжување на работниот однос помеѓу работникот и работодавачот.“ – изјави Дарко Димовски претседател на ССМ.

Што се однесува до вработените во јавната администрација тие со измените на Законот за административни службеници ќе мора да заминат во пензија со 64 години старост и најмалку 15 години стаж. Со оглед на специфичноста на работата на дел од полицијата ќе се менува и Законот за внатрешни работи.

Според Митрески со измените на правилата за одење во пензија, власта создава услови за намалување на вработените во државната администрација и во јавниот сектор и отворање работни места за млади кадри кои би придонеле во унапредувањето на работниот процес.

GOLD
To Top