Новости

Македонија

Тутунарите задоволни од просечната откупна цена на тутунот, се очекува откуп на околу 25.850 тони

Откупот на тутунот започна официјално од вчера и според првичните информации тутунопроизводителите се задоволни од постигнатата цена. На откупниот пункт во Тутунскиот комбинат во Прилеп вчера беа лично премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски кои објавија дека цената на тутунот годинава е зголемена за 30 % и изнесува 261 денар за килограм тутун.

Тутунарот Стеван Вељаноски од Прилеп вели дека е задоволен од просечната цена по која се откупува тутунот.

„Прилично сум задоволен од просечната откупна цена на тутунот, задоволен сум и од квалитетот на мојот тутун, па очекувам да постигнам добра цена“, изјави тој.

Мирјана Митровска, која исто така одгледува тутун, вели дека во споредба со минатата година засега е задоволна од просечната цена од 261 денар, но е загрижена бидејќи многу тутун годинава останал на нивите.

„Дел од тутунопроизводителите сè уште не го калапат тутунот бидејќи времето беше суво, засега просечната цена задоволува, останува да видиме како понатаму ќе се одвива откупот и пред сè каква ќе биде понудата на тутун“, рече Мирјана Митровска од село Добрушево.

Кате од Канатларци ни раскажа дека за разлика од минатата година, годинава линијата е поопуштена и се подготвува неделава да го однесе својот тутун. Таа е задоволна од цената и вели дека ако имаш квалитетен тутун сигурно ќе постигнеш и добра цена и ќе ти биде платен како што треба. Очекува прва класа тутун да оди над 300 денари за килограм.

-Со тутун се занимавам повеќе од 48 години. Заедно со сопругот само тоа го работиме и произведуваме квалитетен тутун, вели Кате.

Таа е задоволна од односот на Владата кон тутунопроизводителите и се надева дека годинава откупувачите ќе го откупат целиот тутун и ќе ги нема минатогодишните сценарија со неоткупувањето на вишокот на тутун.

Откупот на тутунот годинава се врши по цена од 261 денар за килограм тутун. Согласно податоците од Државниот инспекторат за земјоделство цената е зголемена за 30 %.

Пораст има и во делот на склучени договори за откуп и планирани количини за откуп на тутун. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, вчера изјавија дека годинава имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година.

„Тутунот е наша традиционална но и извозно ориентирана земјоделска гранка која носи годишен девизен прилив од над 120 милиони евра. Околу 20.000 семејства егзистираат од оваа гранка, и затоа секоја преземена мерка е во интерес на тутунопроизводителите, да имаат стабилно и одржливо производство“, изјави премиерот Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски нагласи дека откупот на тутунот тече во најдобар ред.

„Склучени се вкупно 29.653 договори за производство на тутун, што е за 7% повеќе од лани. Зголемување имаме и на површините за тутун за 15% споредбено со лани. Оваа година согласно договореното производство, очекуваме да се откупат 25.850 тони што претставува зголемување за околу 10 % во однос на реализираниот откуп минатата реколта. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7 „Набавка на опрема за производство на тутун“, со финансиска поддршка по корисник која изнесува 4,5 милиони денари. Ова е уште еден податок за нашиот сериозен пристап кон производството на тутун, имаме за прв пат реализација на подмерката насочена токму кон тутунопроизводителите“, рече министерот Николовски.

За прв пат оваа Влада донесе нов модел за зголемени субвенции за тутунот според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. Со тоа ги мотивиравме тутунарите да произведат повеќе и поквалитетен тутун, за да остварат повисока субвенција.

За потсетување, минатата година, се откупи тутунот и се откупи и целокупниот вишок, а преку субвенциите и ковид пакетот на тутунарите им се исплатија 2 милијарди денари. Според Сојузот на земјоделски здруженија, просечната цена во 2021 година беше 194 денари за килограм.

Евротип
SNBROKER
To Top