Новости

Македонија

Тутунопроизводителите апелираат: Откупувачите да купуваат тутун и во сабота

Родот се презема по класи, а не според шифри, и во најпроблематичните региони, апелираат од Сојузот на тутунски здруженија, откупувачите да го купуваат тутунот и во сабота.

Досега во земјава се откупени речиси 2/3 од договорените 23.000 тони, цената е иста, но најпроблематични се долненскиот, кривогаштанскиот и крушевскиот регион, оттаму треба да се откупува и во сабота, информираше претседателот на Сојузот, Менде Стомнароски.

„Со зголемена динамика, договорените уште околу 7.000 тони, може да се откупат за 12-ина дена, за потоа, од средината на февруари, до крајот на законскиот рок, 28 февруари, да се купи вишокот тутун“, истакна Стомнароски.

Според него, најголем проблем за дел од тутунарите е тоа што откупувачите продолжуваат со купување тутун според шифри, а со тоа остануваат празни договори и лажен вишок на тутун.

Од друга страна пак, од Тутунскиот комбинат – Прилеп уверуваат дека ги надминале проблемите со документацијата и набавката на картони и го преземаат тутунот од кооперантите на „Далија табак“. Генералниот директор на Тутунскиот комбинат, Кире Станкоски информира дека ќе се работи и во сабота.

Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп велат дека досега, во прилепскиот регион 2.000 тутунари пријавиле 2.700 тони вишок. Пријавувањето е до 5 февруари.

GOLD
To Top