Новости

Македонија

Утре е задушница, со маски и без групирање на гробовите

Православните христијани во сабота ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.

Задушница е секогаш во сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.

На Задушница верниците даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.

Оваа Задушница секогаш е во сабота и е една недела пред Прочка, која секогаш се паѓа во недела.

Ова е трета по ред Задушница за помен на починатите која се одржува во време на пандемија, каде што одењето и собирањето не се претпорачуваат. Со носење заштитна маска, дистанца од најмалку 2 метри, и без масовност на граѓаните е апелот на свештениците.

GOLD
To Top