Новости

Македонија

Утре се слави Ѓурѓовден, ова се обичаите и верувањата

Утре е Ѓурѓовден, кој во земјава не го празнуваат само христијанските верници туку целото население. Празникот отсекогаш имал голема традиција на овие простори.

Ѓурѓовден после Велигден е најголемиот христијански празник во пролетниот циклус и посветен е на светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и други.

Овој светец се смета за граница меѓу зимата и летото, празник врзан за здравјето на домашните, женачката, плодност на стоката и добри посеви.

Главен обичај е плетење венец од билки, миење со цвеќиња, капење во река.

Венецот сплетен од цвеќиња треба да се стави на влезната врата во куќата и тоа значи дека домот и годината ќе бидат богати.

Наутро со билките и со цвеќињата што домаќинката претходно ги потопила во вода, прво се мијат децата за да бидат здрави како дрен преку цела година, девојките и момчињата се грабаат околу нив, старите да бидат витални, а домашните куќата да им биде чувана.

Се верува дека на Ѓурѓовден не треба да се спие, бидејќи главата може да ве бoли цела година.

Во селата се палеле големи огнови за да се избркаат сите зли и лoши сили.

Се верувало дека ако е ведро, годината ќе биде плодна, а ако врне, дека ќе биде сушна година.

ИЗМАЧУВАЊАТА НА СВЕТИ ЃЕОРГИЈ

Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин.
Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи.
Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта.
Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави с ѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет.
За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.

GOLD
To Top