Новости

Македонија

Учениците одат на распуст, надлежните ќе решаваат како ќе продолжи наставата од септември

За основците и средношколците денеска е последниот училишен ден за оваа учебна година, која почна еден месец подоцна поради ковид-кризата. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата, учебната година почна на 1 октомври, а бројот на наставни денови беше намален од 180 на 159.

За власта, учебната година заврши успешно и покрај пандемијата.

„Анализите на Министерството за образование и наука се дека учебната година, особено за основните и средните училишта, завршува според очекувањата и предвидувањата што ги имавме од почетокот на учебната година. Ова беше потврдено и со истражувањето што го направи УНИЦЕФ“, изјави заменик-министерот за образование Арафат Шабани, во интервју за емисијата „200“ на ТВ Алсат.

Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоките одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Учениците без копмјутери имаа можност наставата да ја следат на Македонската радио-телевизија, а некои добиваа печатени материјали. Министерката Мила Царовска вчера изјави дека целта на власта е идната учебна година целосно да се организира со физичко присуство, што сепак ќе зависи од епидемиолошката состојба.

„Сите ние имаме една иста желба, а тоа е во септември да ги видиме училишните дворови полни со детски насмевки, училниците да се полни со ученици, а тоа најмногу ќе зависи од епидемиолошката состојба“ рече Царовска.

GOLD
To Top