Новости

Македонија

Учениците остануваат дома – Децата се враќаат во градинка

Продолжува штрајкот во училиштата, од утре ќе работат само градинките.

Мнозинството членови на СОНК не го прифатија владиниот предлог за 12% зголемување на платите. Од 480 синдикални организации, дури 90 отсто се изјасниле штрајкот на образовниот кадар да продолжи.

Советот на СОНК со оглед на сумираните резултати донесе одлука штрајкот да продолжи во основното и средното образование и во текот на утрешниот ден, се до наоѓање на заедничко прифатливо решение со Владата и МОН.

Вратите од утре ќе ги отворат градинките. Ќе почнат со прием на дечиња. Според првиот човек на СОНК, одлуката ја донеле во интерес на родителите и стопанството.

„Образложение на оваа одлука беше барањето на големиот дел на градинки дека во интерес на родителите, во интерес на децата, во интерес на стопанството кое што на некој начин трпи заради неможноста и немањето кој да ги згрижи дечињата во градинка ќе ги отворат вратите, односно тие и досега беа отворени, меѓутоа ќе продолжат да работат со нормален интензитет“, изјави Неделков.

Штрајкот на СОНК влегува во 3 недела. Ако не се најде прифаливо решение со Владата до 4 мај, најавија голем протест пред Владата.

„Исто така, советот на СОНК во знак на незадоволство од резултатите на преговорите ќе организира масовен протест пред Владата во среда на 4 мај“, додаде Неделков.

Неделков побара разбирање од родителите и учениците што нема да одат на настава. Но вели, платите им се неиздржливо ниски и живеат на раб на егзистенција. Пропуштеното од учебната година, ќе им биде надоместено.

Евротип
SNBROKER
To Top