Новости

Македонија

Учениците се враќаат во училиштата, почнува второто полугодие

И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022
Почнува второто полугодие од учебната 2021/2022 година. По едномесечниот, продолжен зимски распуст, околу 255 илјади ученици денеска се враќаат во училишните клупи.

Наместо на 20 јануари, наставата почнува денеска. Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот од ковид-заразата, Владата донесе одлука зимскиот распуст да биде продолжен за десетина дена.

И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и полагањето на двата екстерни испита закажани за 4 и 13 јуни.

Ставот на надлежните во здравство и во образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.

Од друга страна, Сојузот на средношколци ја поздрави длуката на Министерството за образование и наука наставата да почне со физичко присуство, при што потсетија дека овој став го делат со Комисијата за заразни болести и со претставништвото на УНИЦЕФ во државата.

„Генералното собрание на Сојузот на средношколци едногласно одлучи уште еднаш да го потврди ставот дека наставата треба да се одвива во училишните клупи. Сојузот верува дека во најлоша ситуација наставата треба да се одвива комбинирано, додека во најдобра таа може да биде и целосно физички“, соопштија од Сојузот.

Евротип
SNBROKER
To Top