Новости

Македонија

Филипче: Набавуваме брзи тестови кои за 15 минути детектираат ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче, во вчерашното гостување во дебатната емисија „Топ Тема”, истакна дека се планира надградување на стратегијата за тестирање.

„Сега на пазарот се подостапни брзи тестови за детектирање на вирусот, не на антителата, меѓутоа се брзи и за 10 до 15 минути го детектираат вирусот без лабораторија и без лабораториски апарат. Брис и една мала плочка. Ќе започнеме за кратко време со набавка. Тие ќе бидат дистрибуирани пред се во болниците и во соработка со Центрите за јавно здравје веројатно на граничните премини. Во болниците ќе овозможи многу брз резултат на пациентите кои што доаѓаат пред се на итните и на тие на коишто им е потребна некаква интервенција. За 15 минути, нема да има лабораториски апарат, ќе знаат вработените дали е пациентот позитивен или негативен со тоа точно ќе се знае дали ќе оди по патеката за корона позитивни пациенти или ние го викаме во „чистиот” дел на болниците. За границите ќе направиме стратегија и тука ќе тестираме и евентуално детектираме некои суспектни групи коишто доаѓаат од странство”, рече министерот Филипче.

Во емисијата, Филипче објасни во врска со тестовите за прегледи и интервенции.

„Со два механизми може да се направи тест. Прво преку матичниот лекар пуштивме посебни термини со упат за интервенција, без разлика дали е дијагностичка, некоја од скопиите- бронхоскопија, гастроскопија или хируршка и со тој упат за таква интервенција матичниот лекар преку пунктот закажува тестирање ден или два пред операцијата согласно договорот со болницата или клиниката каде таа треба да се направи. И вториот механизам за 45 минути може да има тест ако пациентот се јавил во болницата. Има посебен модул преку системот „Мој термин” сервисен упат да се заврши тоа тестирање. Значи, ако некој дојде во болница сигурно нема да се врати, може веднаш да се тестира. За еден час ќе го има резултатот со овој нов систем, уште повеќе тоа ќе го забрзаме”, потенцираше Филипче.

Филипче апелираше до граѓаните да се почитуваат мерките.

„Доаѓа период во којшто граѓаните ќе мора многу повеќе да внимаваат на своето здравје за да не ги преоптеретат здравствените установи. Нас сега целокупниот кадар ни е потребен и за системот за ротации, капацитетите болничките кревети итн, ако имаме зголемен број на пациенти да помогнат во третманот на пациентите со Ковид. Тоа значи дека секој еден од нас мора да е максимално одговорен и да се штити од сезонска настинка и сезонски грип, а тоа се прави и со носењето на маски и со одржувањето на дистанцата.” – потенцираше Филипче.

GOLD
To Top