Новости

Македонија

Филипче: По евалуација на состојбата од викендов, доколку има потреба до Владата ќе предложиме нов пакет мерки во понеделник

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, денеска во изјава за медиумите информираа за заклучоците од состанокот на Комисијата за состојбата во која во моментов се наоѓаме со пандемијата од Ковид-19, бројот на новодијагностицираните случаи, како и капацитетите на болниците.
-Целосно е подготвена модуларната болница до Инфективната клиника. Се уште таму нема сместено пациенти, пристигнати се лекарите од останатите клиники кои што треба таму да работат, заедно со колегите инфектолози и медицинските сестри од сите интерни и хируршки клиники, согласно вчерашните распореди кои ги направивме со сите директори на овие институции. Во однос на бројките, еве гледаме и насекаде во регионот се зголемуваат новодијагностицираните случаи. Ова е нешто што сите го очекувавме. Согласно очекуваниот есенски бран, зголемена концентрација на случаи во смисла на зголемен број на дијагностицирани од вкупниот број на направени тестови во сите земји во регионот, во Европа, исто така, практично и во сите овие земји се воведуваат некаква форма на рестриктивни мерки”, рече Филипче.
Тој потенцираше дека еден пакет на рестриктивни мерки до Владата е веќе предложен и согласно важечките уредби со законска сила потребно е да се направат тие законски измени. „Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваме следната недела Собранието да го изгласа, за предложениот пакет за задолжително носење маски на отворено, забраната за групирање после 22 часот и забраната за домашни посети, согласно искуствата коишто ги имаме, веќе да стапат на сила и да може инспекторите и Министерството за внатрешни работи да бидат подготвени да постапуваат во контрола и санкции. Утрово разговаравме и за дополнителен пакет рестриктивни мерки коишто после евалуацијата на ситуацијата во следните денови и викендот, доколку има потреба, до Владата ќе биде предложен нов пакет мерки во понеделник. Тоа би вклучувало прво ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз, до 50 проценти како што беше претходно, понатаму целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори, субјекти во 23 часот. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаите, овој пакет мерки заедно со оној што треба да помине во Собрание мислам дека сериозно ќе го забави, ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот”, истакна Филипче.
Менаџирањето на болничките капацитети е еден од најбитните параметри што се следи. Лекарите по системот на ротација се веќе прераспределени на работните места, останатите од листите се подготвени да бидат на помош на своите колеги. Тоа е нешто што секојдневно се координира со директорите на клиниките и болниците и прераспределба на пациенти ширум државата. „Една јавна благодарност до студентите од шеста година на Медицинскиот факултет коишто се вклучија од денес со работа и дел од стажот го поминуваат во центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, каде што на своите колеги ќе им помагаат во изготвувањето на анкетните листови и следењето на контактите на заразените”, изјави Филипче.
Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски информираше дека анализата на епидемиолошките податоци во последниве три дена кога имаме драстично зголемен број позитивни лица укажува дека одредени настани се главната прилина за поголемиот број на случаи, како на пример, настаните – концертите, журките, се тоа што беше видено на телевизија.
„Причина се групирањата и непочитувањето на мерките или непочитување во таа смисла што никој не носеше маска. Значи, тоа што постојано го кажуваме како наша препорака е дека држење дистанца од два метра, носење заштитна маска и дезинфекција на рацете се основните мерки за да нема случаи. Очигледно, во периодот што е позади нас, тоа не се почитуваше и тоа е факт. Голем дел од овие анкети со самиот факт што инфицираните се на возраст меѓу 20 и 39 години, ни кажува дека тоа се луѓе коишто биле таму каде што може да се направи журка, настан, промоција, во некој локал во којшто не се почитуваат мерките. На прашањето, што се случува во Европа, не треба ние да бидеме премногу паметни да речеме дека имаме типичен есенски бран на ковид. Ние ова го предвидовме уште пред 4-5 месеци, и министерот и комисијата, неколку пати кажувавме дека ќе дојде тој есенски бран. Ако ме прашате епидемиолошки, јас мислам дека есенскиот бран малку подрани, во смисол временските услови не се такви да имаме групирање строго во затворен простор, меѓутоа со доаѓањето на сезонскиот грип, оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање, ќе биде поголема. Заради сето тоа и заради ова што беше речено претходно предложи до главниот кризен штаб, до министерот и до Владата предложи да се усвојат два сета на мерки. Едните би се усвоиле во текот на следната недела преку собраниски измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, и втор сет на мерки коишто во понеделник ќе му ги презентираме на главниот кризен штаб на премиерот и на Владата”, потенцираше д-р Караџовски и додаде дека не се исцрпени сите мерки кои може да бидат предложени на министерот.
Д-р Караџовски апелираше на почитување на мерките.
„Ве молам и медиуми и население, самите ако не си помогнеме на себе, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, 20 болници. Сето тоа ќе се исполни брзо, ние како што знаете работиме од март месец па наваму. Бараме помош од сите, медиуми, политички партии, широко население. Јас би апелирал на широкото население. Да ги почитуваме мерките заради фактот дека тоа го правиме заради нас, нашите најблиски, нашите фамилии. Непочитување на мерките ќе не одведе до огромен број на заболени, ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети. Ние може да правиме ротации, и колегите да ги правиме од една установа во друга, меѓутоа бројот на тие луѓе е ограничен. Ние не можеме да измислуваме нови епидемиолози, нови инфектолози. Треба 4,5,6 години да се направи тоа. Дајте да се здружиме сите заедно, како мерка која може сите заеднички да ја спроведеме. Ние може да предложиме уште сет на 10 мерки, меѓутоа за некои од нив не размислуваме во моментов на денешен ден. Затоа што, чекаме да видиме овие два, три дена како ќе се развива актуелната состојба и да видиме на министерот да му предложиме, од понеделник натаму ако состојбата не се подобри и ако овие мерки кои ги предлагаме не успееме да допрат до населението, секако стојат сите мерки на расположение. Меѓутоа, во моментов на прашањето дали размислуваме за полициски час, вонредни состојби, нешто друго, одговорот би бил не”, истакна д-р Караџовски.

GOLD
To Top