Новости

Македонија

Филипче: Присутни се два, три соја на вирусот, вакцинацијата и превенцијата важат за сите соеви

Принципите на превенцијата се истите и без разлика кој сој на вирусот ќе дојде ќе останат исти – маската, дистанцата, дезинфекцијата на рацете и ние не можеме да живееме затворени. Граѓаните мора да го имаат ова на ум и да имаат на ум дека станува збор за нивното здравје и кога е во прашање вакцинацијата, но и кога се во прашање превентивните мерки, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Ако е голема гужва во ресторан, посочи, не мора сите да влеземе таму, треба да знаеме низ што поминавме и треба да знаеме дека не може се да ни каже државата што да правиме, ние мора да функционираме, а во исто време да водиме сметка за сопственото здравје и тоа е еден многу битен сегмент што ќе остане да важи следните веројатно години колку што ќе трае пандемијата, а тоа никој не знае во овој момент.

Во однос на конкретните кластери во Тетово, појасни, ќе има активност и веќе има онаа класична стандардна активност на епидемиолозите, со анкетите, со изолацијата итн, што значи, се продолжува со истиот принцип.

На прашање дали се размислува за локален карантин во Тетово, тој истакна дека засега не се размислува за никакви регионални мерки.

– И таму кај што има случаи и таму кај што нема ниту еден случај инсистираме да се спроведува вакцинацијата. Тоа е нашиот фокус засега, посочи Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за кардиологија.

Тој рече дека направени се анкетите, ставени се во изолација четворицата заразени со бразилскиот сој на вирусот и додаде дека од последниот пријавен случај, нема нови случаи со индискиот сој на вирусот.

– Присутни се два, три соја на вирусот и тоа што е битно дека принципите се исти – вакцинацијата и превенцијата која важи за сите соеви. Вкупниот број на вакцинирани еве и по поединечни групи или вкупно во државата меѓу 70, 80 и 85 проценти би било нешто што значи колективен имунитет, појасни Филипче.

Во врска со вакцинацијата на децата, рече дека ќе се види на крајот на неделата каков ќе биде интересот.

– Тогаш ќе го имаме пресекот на вкупниот број на пријавени. Таа вакцина не е задолжителна, меѓутоа некои земји дефинитивно тоа го препорачуваат. И мислам дека и тоа е еден сериозен сегмент, голема бројка на млади луѓе кои се трансмитер на вирусот и кои се посебен ризик категорија за есенските месеци. Така што, опцијата е отворена. „Фајзеровата“ вакцина е препорачана и во упатството од 12 до 16 години, што значи дека е сигурна, така што мислам дека е уште еден добар момент, додаде Филипче.

СН Брокер
To Top