Новости

Македонија

Филипче: Рано е за отворање на фитнес-салите и зголемување на бројот на деца во градинките

Од следната недела се очекува попуштање на рестриктивните мерки ако трендот на намалување на заразата со коронавирусот продолжи да опаѓа. Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека денеска има околу 300 новодијагностицирани пациенти и дека се намалува притисокот врз болниците.

„Веќе се враќаат одделенијата во нормална работа, како што е Одделението за онкологија, за пластична хирургија, од денес почнува со работа и Клиниката за кардиологија. Значи, нема веќе таков притисок од пациенти каков што имаше претходно. Во текот на следните денови, во почетокот на следната недела, доколку трендовите продолжат во оваа насока, ќе следуваат и дополнителни попуштања на рестрикциите“,изјави министерот Филипче.

Филипче ги отфрли обвинувањата дека одлуката за скратување на полицискиот час, која стапува во сила од денеска, била донесена политички без консултации со Комисијата за заразни болести. Состанокот се одржал вчера, но за време на празниците имале телефонски разговори, објаснува Филипче.

„Донесени се и некои дополнителни одлуки и оттука и препораката за која Владата вчера донесе одлука да се скрати полицискиот час, угостителски објекти да работат до 22:30 часот. Другите барања беа добиени, имаше барања за отворање на фитнес-сали или зголемување на бројот на деца во градинките, за тоа Комисијата смета дека е сѐ уште рано и има препорака за 14-дневен карантин за сите патници што доаѓаат од Индија и од Бразил, заради тоа што таму се случува еден силен притисок и бран“,додаде Филипче.

Наместо во 21, полицискиот час од денеска почнува во 23 часот, а ќе трае до 5 часот наутро. Оваа мерка ќе биде во сила до 15 мај.

GOLD
To Top