Новости

Македонија

Филипче: Се намалува бројот на новозаболени, но голем е притисокот на болниците особено во Битола

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека се намалува бројката на новодијагностицирани од ковид-19, но дека притисокот во болниците е сѐ уште голем. Нешто послабо имало хоспитализирани во текот на вчерашниот ден и има слободни болнички кревети. Преоптоварени се болниците во Куманово и во Битола.

– Бројот на новодијагностицирани денеска е околу 1.000 што потврдува дека епидемиолошката крива е во континуиран пад и тоа е еден добар податок. Тоа значи дека мерките во рамките на предвидувањата ги даваат своите резултати – рече Филипче.

Тој најави дека во текот на април во земјава ќе стасаат вакцини од Фајзер, АстраЗенека и од Кина.

– Од директниот договор со Фајзер најавено е дека на 19 и на 26 април ќе дојдат по 10.000 дози, до крајот на месецов се очекуваат 76.000 дози од АстраЗенека. Исто така, очекуваме информации од руската амбасада за вакцините „Спутник V“, а најголемата количина што ја очекуваме е од кинеските вакцини, 200.000. Кинескиот амбасадор во земјава презеде обврска да направи што може за забрзување на процесот. Вакцините најавени од ЕУ треба да пристигнат во првата недела од мај – рече Филипче.

Досега во земјава се вакцинирале околу 30.000 граѓани.

Од утре почнува вакцинацијата на граѓани со 73 и 74-годишна возраст во салата „Борис Трајковски“.

– Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје денеска завршува вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура со што го заокружуваме тој процес и од утре почнува вакцинацијата на постарите граѓани како надополнување на овој систем кој веќе се спроведува во пунктовите. Тоа значи дека вакцинирањето во сите пунктови во државата и тука во Скопје продолжува со закажување. Фреквенцијата на спроведување е нешто зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1.000 до 1.500 вакцинирани и согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови – рече Филипче.

На веб страницата вакцинација.мк досега се пријавиле 140.000 граѓани.

– Верувам дека сликата постепено ќе се менува како што ќе пристигнуваат вакцините. Апелирам сите граѓани да се пријават – рече Филипче во одговор на прашање во однос на малата бројка на пријавени граѓани и најави дека со дополнителни кампањи за важноста на вакцинацијата ќе се стимулира тој процес.

– Планираме да почнеме со кампањи. Дел од нив се подготвени, другите се подготвуваат. Повторно ја користам оваа можност да апелирам до сите граѓани да се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk. За неколку дена ќе има надградување на системот, во однос на добивање известување преку СМС-порака, откако граѓаните ќе се пријават и на истиот начин ќе бидат информирани и за терминот за вакцинација – рече Филипче.

На новинарско прашање кога и со која вакцина ќе се вакцинира, министерот одговори:

– Нека стигне поголема количина на вакцини, не би сакал да го земам редот на некој што има поголем ризик, сите вакцини се безбедни, немам преференца на некоја вакцина.

Продолжувањето на сегашните рестриктивни мерки по 20 април ќе зависи од индикаторите кои се следат при носењето на одлуките за нивно воведување, изјави Филипче.

– Ако има потреба, да, ќе ги продолжиме. Веројатно ќе разговараме викендов и на почетокот на идната недела и ќе ги следиме бројките и менаџирањето со болниците. Тоа беа критериумите врз кои одлучувавме и анализиравме досега, а така ќе биде и во текот на следната недела – додаде Филипче одговарајќи на новинарско прашање во врска со евентуално продолжување на сегашните рестриктивни мерки.

GOLD
To Top