Новости

Македонија

Царовска, Манчевски, Забрчанец и Ганиу во самоизолација

Двајца членови на Владата и еден советник се во задолжителна самоизолација откако имале контакт со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири кој вчера објави дека е позитивен на Ковид -19. Покрај нив, и градоначалникот на Чаир соопшти дека е во самоизолација по контакт со лице позитивно на вирусот.

Во самоизолација се вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и советникот за односи со јавност на претседателот на Владата Марјан Забрчанец.

Тие на своите фејсбук профили информираа дека по препорака на епидемиолозите се во задолжителна самоизолација откако имале средби со Зекири на кои биле испочитувани сите превентивни мерки. Апелираа до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки и да ја сфатат сериозноста на болеста.

Вицепремиерката Царовска соопшти дека направила тест кој е негативен и оти засега нема никакви симптоми. Таа ќе остане во самоизолација до 9 јуни, а работните обврски ќе ги извршува непречено од дома.

И градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу апелираше до граѓаните на внимателност, придржување до мерките и сериозно третирање на оваа проблематика бидејќи, како што вели, состојбата не изгледа воопшто добра и секогаш постои можност да стапи кон полошо.

– Ќе ја искористам можноста преку овој вид на комуникација со вас, да ве информирам и да ја споделам загриженоста за начинот како се одвива состојбата со корона вирусот. Воедно сакам да ви дадам до знаење дека овие денови имав контакт со лице кое резултираше позитивен кон тестот за КОВИД -19, затоа од овој момент ќе останам во самоизолација и ќе делувам според протоколите на соодветните здравствени институции, напиша Ганиу на својот Фејсбук профил.

GOLD
To Top