Новости

Македонија

Царовска: Предметот историја се спојува во општествени науки

Историја ќе биде дел од предметот општествени науки и ќе се изучува заедно со географија и граѓанско образование, рече денеска на прес конференција министерката за образование, Мила Царовска. Таа рече дека концепцијата е развојна и дека се базира на домашни и меѓународни истражувања.

„Концепцијата е развојна, се базира на истражувања кои се домашни и меѓународни, но исто така и на анализа на добро поставени концепти за основно образование кои даваат одлични резултати кај учениците. Ваквиот интегриран пристап на наставни предмети во еден – како главни носечки, но и правото на изборни предмети и воннаставни содржини е секаде во светот поставен како таков. На тој начин ги учи учениците да не помнат само факти, туку и критички да размислуваат низ тематски пристап. Да го постигнат личниот потенцијал“, рече Царовска.

Царовска смета дека нема ништо спорно во спојувањето на предметот историја во општествени науки токму во моментот кога е чувствителна состојбата со Бугарија.

„Исто, предметот по биологија и предметот по хемија се интегрираат во исто време кога се отвора дискусијата со бугарската страна. Прави некаква разлика? Зборуваме за интеграција на природни и општествени науки што се случува секаде во светот во развиените земји коишто постигнуваат огромни резултати кај своите ученици. Нашата идеја е да создадеме младина, граѓани, иднина којашто ќе може да ја движи оваа држава кон економски и социјален развој. Токму затоа образованието и промените коишто ги правиме се создадени врз основа на анализи коишто се претходно добро подготвени врз основа на одредени методологии коишто даваат точно каде се критичните точки. А критичните точки се дека нашите деца учат многу предмети, но само фактографски без да поврзуваат“, истакна Царовска.

Евротип
Евротип
To Top