Новости

Македонија

Штрајкот на матичарите во мирување, од утре пак се закажуваат венчавки и се вадат изводи за родени, умрени и венчани

Вработените во Управата за водење матични книги по седум недели штрајк од утре се на работните места. Граѓаните повторно може да закажуваат венчавки, да вадат изводи за родени, умрени, венчани и други документи.

Откако денеска синдикалниот претставник и директорот на Управата го потпишаа Колективниот договор што го бараа штрајкувачите, штрајкот е прекинат, но не и завршен. Според претседателот на Независниот синдикат на вработените во Управата,Тони Милошевски, штрајкот е ставен во мирување до 20 јули, до кога се чека одговор од Владата за линеарно зголемување на платите за 30 проценти, што е единствено нереализирано барање.

-Досега во Управата немало колективен договор на ниво на работодавец. Усогласени се некои работи што не ни се даваа до сега, како К-15, платена работа во сабота, јубилејни награди, се усогласивме и за систематизацијата, односно за звањата кои долг период не беа коригирани. Од утре сите вработени почнуваат со работа, но штрајкот се става во мирување до 20. 7. 2022 година, а понатаму ќе видиме што ќе биде ако не се реши зголемувањето на платите за 30 проценти, што остана да го реши Владата, изјави Милошевски.

Директорот на Управата, Блерим Абази, информира дека до Владата ќе испрати информација во најкус можен период да го земе предвид барањето за зголемување на платите и да се најде решение и за тоа.

-Јас како директор си земав обврска во предлогот на буџетот за наредната година да има средства за зголемување на платата, рече тој.

Претседателот на Конфедерацијата на независни синдикати Марјан Ристевски се надева и како што вели, има сознанија дека веќе е договорено зголемувањето на платите на сите вработени во јавниот сектор за 2.800 денари што го бара Сојузот на синдикатите на Македонија, а тоа се однесува и на вработените во Управата за водење на матични книги.

-Се надевам дека тоа ќе биде уште во текот на јули, така што ќе остане мал дел од она што го бараат вработените. Сега бидејќи, како што кажа директорот, имаат пратено иницијатива, се надевам дека следата недела веќе ќе имаме информации од Министерството за финансии и најверојатно ќе најдеме заеднички јазик и за тој процент што останува, зашто ако се одземат тие 2.800 денари што ќе ги добијат сите јавни службеници, остануваат уште 10 до 15 проценти. Мислам дека тоа не е огромна сума за државата. Сите увидоа дека Управата е значаен субјект, па само прашање на време е кога ќе се заокружи и барањето за зголемување на платите, рече Ристевски.

Инаку, како што информира директорот Абази, со потпишаниот Колективен договор, кој веќе е во примена, дополнително се унапредени правата од работен однос на вработените во Управата.

-Со него се утврдуваат критериумите за годишен одмор и неплатените отсуства, надоместоците на плата и другите примања, исплатата на регрес за годишен одмор, додатоците на плата, јубилејните награди и така натаму. Како право кое синдикатот и работодавецот го утврдија во овој договор е минималната плата да биде основна плата, рече Абази и додаде дека раководството на управата ќе продолжи со подобрување на условите за работа на вработените, како и на услугите што им се даваат на граѓаните.

Евротип
SNBROKER
To Top