Новости

Македонија

114 години од смртта на Гоце Делчев

Македонија денеска одбележува 114 години од смртта на Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – с. Баница, Серско 4 мај 1903). На денешен ден во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Деелчев беше идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење во крајот на XIX и почетокот на XX век.

Гоце Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија, како прво машко дете, на бројната и угледна фамилија Делчеви. Неговите родители биле добро ситуирани и едно од најстарите семејства во Кукуш. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци. Како плод на овој брак се родиле десет деца – шест ќерки и четири сина.

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование  во учебната 1886/87 година.  Година  дена подоцна Гоце го напушта Кукуш и се запишува во IV клас на Солунската машка гимназија “Св Кирил и Методиј”.

По завршувањето на средното образование во Солун, Гоце се запишува во Военото училиште во Софија во 1891 година. Неговото натамошно школување придонесувало за појасно определување на ревулуционарната цел. Како питомец во военото училиште во Софија е откриен дека тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература. За ваквата активност бил казнет со исклучување од училиштето во 1894 година, без право да добие офицерски чин, а единствено добива сведителство дека го завршил курсот на училиштето.

Задоволен од пресудата и ослободен од стегите на бугарската униформа, Делчев ќе се ангажира на формирање на македонска револуционерна организација. Ваквите негови јасни ставови беа зацртани уште во јули 1893 година, кога во разговорот со Коста Шахов и Иван Хаџи Николов во Софија, ги прифатил принципите предложени од Хаџи Николов и се нафатил, како чесно и авторитетно лице, да учествува во формирањето на македонската револуционерна организација.

Назначен за учител во Ново Село, во Штип, Гоце Делчев се враќа во Македонија, во 1894 година, со јасна цел и визија. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Тајната македонска револуционерна организација, при што истакнувал дека: “Неопростиво е за нас, издигнати духовно повисоко, да трпиме и тегнеме и да чекаме други да не ослободуваат.”

Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на МРО: Даме Груев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, за заземање на став кон Македонскиот комитет основан во Софија, подоцна преименуван во Врховен македонски комитет. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев, ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал  во Софија за да работи на спречување на мешањето на Бугарија  во внатрешните работи на македонското ослободително дело.  Во почетокот на 1896 г., организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница, а во фебруари во Штип, организирал протести против власта.

Во април 1986 година, учествувал на Солунскиот конгрес, на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето на организацијата. Со вклучување и на Одринско  дошло до промена на името од МРО во Тајна македонско-одринска револуционерна организациа (ТМОРО). Со Ѓорче Петров го изработиле Уставот и Правилникот на организацијата (1896), публикуван и дистрибуиран во 1897 г., каде што целта на дејствувањето на Организацијата била да издвојува со револуција политичка автономија за Македонија и за Одринско. Во септември Делчев бил назначен за главен учител во Банско, од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност во ноември 1896 г. и целосно се посветил на македонското ослободително дело, а во декември истата година ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија.

Петров, Малешевски, Делчев

Должноста задграничен претставник ја извршувал до 6. X 1901 г. и бил подвижен член на ЦК .Во тоа својство бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со ревулуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви (1897) во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Вршел вооружување (во IV 1898) и тогаш во Македонија се појавиле првите вооружени чети на Организацијата. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите (1900). Со формирањето на селската милиција била доградена воената организација на МРО, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор.

На почетокот на јануари 1898 год. се  формирал четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник на сите чети во Македонија. За време на честите обиколки низ Македонија работи на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Цел е автономиjа или целосно ослободување на Македонија и Одринско од османлиското ропство и создавање на независна македонска држава. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини  во јули 1898 г. на Ватикан и ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија.

Неговата дејност имала две страни: преку својата учителска дејност просветно да ги издига масите, а во исто време со вонредни напори да ги подготви кон патот на револуцијата.

Додека дејствувал за самостојност и независност на Македонската револуционерна организација, надворешните и инфилтрираните внатрешни орудија со Иван Гарванов, по инструкции од Владата и од Кнезот на Бугарија, подготвиле кревање предвремено востание во Македонија. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес (15–17. I 1903) за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија ,со раководните кадри да издејствува повлекување на решението. На 19-20 април истата година Гоце Делчев пристигнува во Солун, каде има неколку среќавања со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение. Со него го разгледува прашањето за подигање на востанието, но не успева да го разубеди. Од Солун се упатил на конгресот на Серскиот револуционерен округ закажан за 6 мај. Пристигнал во с. Баница, Серско на 3 мај. На целиот пат од Софија до Солун и потоа, бил следен и бил предаден. Во зорите на 4 мај 1903 год. Гоце Делчев и неговата придружба се известени од јатаците дека се опсадени од турската војска (аскер). Гоце наредува да излезат од куќата каде биле сместени и да се повлечат за да го спасат селото од зулум. Тоа кобно утро за македонскиот народ, во борбата со турската војска, загина Гоце Делчев.

Неговото загинување ќе предизвика голем интерес и внимание на печатот во Европа и Америка, кои заради актуелноста на македонското прашање во почеточсот на XX век, внимателно ги следат настаните во Македонија. Смрта и ревулуционерно дело на Гоце Делчев ќе биде забележана од дописниците на лондонски „Тајмс”, „Ројтер”, „Le Теmрѕ”, „Дејли Њус”, љубљански „Словенец”, трстјанскиот весник „Единост”, „Београдске новине”, загрепскиот „Обзор” и др. Лондонскиот „Тајмс”, на 9 мај 1903  година ќе објави дефинитивиа вест за смртта на Делчев, која ја „вознемирила дипломатската рамнотежа”. Дописникот на лондонскиат „Дејли Њус”, Џон Макдоналд ќе напише во своите спомени дека: „Делчев беше главен организатор, државник на револуциоиерното движење, идол на македонското селанство”, додека Н. Рогдаев, ќе забележи дека:  „Душата на македонската организација беше Гоце Делчев – тој балкански Гарибалди. – тип на неуморен народен револуционер”. Сите дописници во тоа време во едно се сложуваат, дека смрта на Гоце преставува „нова загуба која ќе биде непроценлива за иднината на востаниего”.

Неговото име стана легенда вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

Неговите посмртни останки прво се чуваат во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало:

„Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија.

Август 1923, Илинден“.

Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас

GOLD
To Top