Новости

Прилеп инфо

Безбедносната состојба во Прилеп поволна – заедничка констатација на градоначалникот Јованоски и директорот на БЈБ, Сашо Тасевски

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски денеска оствари средба со директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски. На средбата беше разговарано за припремите кои Општина Прилеп, во координација со Полициската станица од општа надлежност (ПС ОН) – Прилеп, ги презема во насока на успешно организирање на претстојниот „Пивофест“.

Директорот на БЈБ, Сашо Тасевски истакна дека анализите на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека безбедносната состојба во Прилеп е поволна. Без разлика што за време на „Пивофест“ во градот ќе пристигнат голем број посетители од другите градови на државата, но и од странство, Министерството е подготвено да го одржи јавниот ред и мир. Тасевски искажа уверување дека се направени сите неопходни планови и подготовки, кои гарантираат дека од безбедносен аспект, манифестацијата ќе помине во најдобар ред и без никакви проблеми.

Градоначалникот Јованоски и првиот човек на БЈБ Тасевски, разговараа и за вчерашниот инцидент, кога во летната бавча на една кафетерија во центарот на Прилеп беше пронајдена неексплодирана рачна бомба.

Директорот на БЈБ потенцираше дека станува збор за изолиран случај за кој веќе постојат одредени индиции. Тасевски нагласи дека се преземаат сите потребни истражни дејствија за што поскоро решавање на случајот и дека се работи на анализа на обезбедените информации и податоци кои, како што напомена, ќе овозможат Министерството што поскоро да излезе со конкретни информации за овој немил настан.

Заедничка констатација на градоначалникот Јованоски, директорот на БЈБ Тасевски и на командирот на ПС ОН – Прилеп, Кире Спиркоски беше дека Прилеп е безбеден град и дека состојбата е под контрола.

Покрај средбата со градоначалникот Јованоски, Тасевски ја посети и ПС ОН – Прилеп.

GOLD
To Top