Новости

Прилеп инфо

Во Прилеп одбележан „2 Август“- Денот на Републиката

По повод Денот на Републиката „2 Август“, градоначалникот Илија Јованоски, членови на Советот на Општина Прилеп, претставници на прилепскиот Сојуз на борци и касарната „Мирче Ацев“, како и делегации на повеќе политички партии и граѓани, денеска положија цвеќе во Паркот на револуцијата и пред спомениците на повеќемина истакнати револуционери.

Свежо цвеќе беше положено пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Ѓорче Петров и Пере Тошев, на бистите во Алејата на народните херои, споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените. Обраќајќи им се на присутните пред Могилата на непобедените, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека „2 Август“ е свечен датум во македонската историја, кога се слави почитта кон илинденските револуционери и нивниот стремеж за сопствена држава.

„Исто така го славиме и ‘2 Август’ 1944 година и Првото заседание на АСНОМ, кога беа втемелени почетоците на македонската држава. Им се поклонуваме на хероите и борците кои ги дадоа своите животи за денешната слобода. Денес, 27 години после независноста на Република Македонија, одиме по правиот пат, кон европските вредности и по патот на евроатланските интеграции. Денес сме исправени пред предизвикот кој што не смееме да го занемариме и не смееме да ја испуштиме оваа историска шанса да создадеме ново општество, современа држава направена врз демократски принципи, каде ќе имаме слободни и среќни граѓани“, рече градоначалникот Јованоски.

Љупчо Попоски од Сојузот на борци – Прилеп, го потенцираше значењето на двата Илиндена, со посебен осврт на „2 Агуст“ 1944 година и на антифашистичка борба, која претставуваше вовед во создавањето на денешната држава.

„После ослободувањето, првата гробница на загинатите партизани била кај старите градски гробишта, од каде потоа биле пренесени во оваа гробница, која што има големо значење, затоа што на борците кои ги дале своите животи, но и на останатите кои ја извојувале победата, лежат темелите на оваа наша денешна Македонија“, нагласи Попоски.

Од името на Општинската организација на СДСМ, празникот го честиташе Елена Ташкоска, која рече дека секој следен Илинден после оној од 1944 година, е завет за новите генерации да го зачуваат мирот и просперитетот на татковината.

Дејан Проданоски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека „2 Август“ во повеќе наврати бил значаен во македонската историја: во 1903 година бил означен почетокот на вооружената револуционерна борба за конечно ослободување на Македонија од Отоманското царство, во 1944 година кога се поставиле темелите на современата македонска држава и во 1991 година, кога македонскиот народ ја создал суверена и независна Република Македонија.

Кон одбележувањето се приклучи извидничкиот одред „Феникс“. Младите извидници кои што ги положија букетите пред бистите на народните херои во Алејата и се поклонија пред споменикот „Жена борец“ и „Могилата на непобедените“.

GOLD
To Top